Парчиња од дотраените фасади од зградите во централното градско подрачје на Куманово речиси секојдневно се ронат. Понекогаш како ситна прашина, а при силен ветер и покрупни парчиња паѓаат на плочниците и ги вознемируваат граѓаните. Кумановци се чувствуваат небезбедно и револтирано, бидејќи неодамна двајца случајни минувачи завршија со повреди откако врз нив паднаа покрупни парчиња бетон.
Овие случаи во кои беше загрозена безбедноста на минувачите ги алармираа инспекторите за домување од секторот за инспекциски надзор од општина Куманово. Инспекцијата веднаш излезе на терен и им наложи на станарите и лиценцираните управители да преземат мерки за реновирање на фасадата.
Во двата одделни случаи во кои имаше повредени граѓани е постапено според законот, децидни се од инспекторатот. Според Законот за домување последиците за ваквите случаи ги сносат токму домарите или претседателите на станбените заедници кои се задолжуваат да преземат мерки за санација.
Фасадата на едната зграда која се наоѓа на градскиот плоштад, годинава ќе започне да се реновира преку проект на Хабитат и општина Куманово за енергетска ефикасност, додека во другата зграда ситуацијата е многу поинкава. Таму, објаснија од секторот за инспекција немало ниту заедница на станари, ниту куќен совет, ниту станбен домар и согласно Законот, управувањето се решава преку судски постапки. Во овој случај, граѓанинот може да поведе судска постапка и да ги тужи сите станари кои не се грижеле за заедничките простории, вклучително и фасадата.
– Доколу се случи слична ситуација, односно ако граѓанин е повреден од парче од фасада од зграда со вакви нерешени односи, тогаш тој може да ги тужи сите станари, бидејќи нема кој да ги претставува, објаснува овластениот инспектор за домување, Сељами Ајрулау.
Инспекторатот регистрирал седум згради во центарот на Куманово чии што фасади се крајно оштетени и кои се исклучително ризични. Оттаму велат дека презеле и превентивни мерки, ги интензивирале средбите со домарите и ги задолжиле да им достават податоци за зградите чии фасади се руинирани за да можат во соработка со општинските власти и други институции да помогнат за санација. Инспекторите им наложиле на домарите да ги отстранат критичните места на фасадите се до моментот кога станарите ќе соберат средства за целосно реновирање.
Законот, предвидуваа санкции, ако не се изврши санирањето, но станарите се заинтересирани за реновирање, бидејќи и нивната безбедност е загрозена.
– Казната е 300 евра по сопственик на стан. Реално со тие пари може да се реновира фасадата, вели инспекторот.
Надлежните од инспекторатот, лиценцираните управители, претставниците од заедниците на станарите, локалните власти, бараат начини за обнова на фасадите во зградите кои се наоѓаат на градскиот плоштад и на клучните улици во поширокото централно подрачје. По состаноците претставниците на инволвираните страни се согласија дека е потребно да се обноват фасадите, но констатираа дека клучен проблем за досегашната неефективност е недостигот на средства кои што граѓаните ги одвојуваат за резервниот фонд, односно за инвестициите. Дел од жителите во зградите се немоќни да одвојат поголеми средства од семејните буџети за да ги обноват фасадите. Зградите од централното градско подрачје се изградени во 60-тите години од минатиот век. Од почетокот на 90-тите, па се до 2009-та година кога е донесен Законот за домување станарите во некои од зградите воопшто не вложувале средства за заедничките простории.
Интерес за реновирање има, ама пари нема
Лиценцираните управители велат дека за разлика од минатото станарите последниве години повеќе се заинтересирани за вложување во заедничките простории, вклучително и за обнова на фасадите. Најголем проблем според нив, има во старите згради каде со години не било вложувано во заедничките простории. Проблемите се таложеле, па освен оштетени фасади во овие згради прокиснуваат кровови, не работат лифтови, нема домофони, некаде дури ни врати.
Правникот од една од петте лиценцирани фирми од Куманово за управување со згради, Александар Симоновски, појаснува дека за одржување на зградите, станарите уплаќаат на две сметки. Едната за тековно одржување кое подразбира услуга за управител, хигиена, електрична енергија, лифт, а на втората сметка се уплаќаат средства за резервниот фонд, односно за инвестициите. Законот ги утврдува средствата кои минимално треба да се уплаќаат за резервниот фонд. Станарите уплаќаат од 0,5 до 5 денари за метар квадратен.
– Фактурираме 50 денари за метар квадратен од стан месечно за резервен фонд што е недоволно за да се постигнат сериозни инвестиции. Овие средства најчесто се користат за итни работи пукната водоводна цевка или чистење на канлизациона цевка“-појаснува Симоновски.
За покрупна инвестција во која влегува и санација на фасадата потребни се години за да можат да се соберат средства. Тој објаснува дека може да се изврши санација ако станарите донесат одлука тоа да го сторат на рати и да уплаќаат по 500 или 1000 денари.
– Има и вакви примери, но се поретки, вели Симоновски.
Која и одлука да ја донесат, вели лиценцираниот управител Мартин Симоновски, станбените домари се должни да ја почитуваат. Домарите треба да понудат фирми изведувачи, а станарите самите ја одбираат најповолната понуда.
И станбените домари се надеваат дека ќе продолжи проектот на општина Куманово и Хабитат за енергетска ефикасност кој опфаќа и промена на фасади. Појаснуваат дека проблем во зградите во Куманово е обезбедувањето на согласност за која и да е инвестиција.
– Имаме случаи каде не е извршен пренос на станот, старите сопственици ги нема, во некои станови нема решено имотно-правни односи. Некогаш имаме проблеми да обезбедиме и просто мнозинство согласност за поситни инвестиции, вели Симоновски.
Според законот, секој стан плаќа за фасадата според површината на станот. Ако станот е 100 квадратни метри, тогаш, сопственикот плаќа за 40 за обнова на фасада. И станбените домари велат дека одржале состаноци со општинските власти и ги пренеле заложбите на станарите дека има интерес за обнова на фасадите, но дека е потребна и поддршка од властите, особено за зградите од централното градско подрачје.
Општината ќе помогне кога станарите ќе одлучат
Општина Куманово во соработка со Хабитат изминативе години го спроведуваше проектот „Енергетска ефикасност“ кој подразбира обнова на кровот, замена на вратите и прозорците од надворешната страна и обнова на фасада чија примарна цел е заштеда на енергија. Во минатото, општината учествуваше со 20 проценти од вкупната инвестиција на станарите за овој проект, а станарите обезбедуваа 80 проценти учество со незначителен еден процент камата. На последниот повик за проектот аплицираа тринаесет згради. Во половина од нив веќе се отпочнати постапки.
Зоран Димитров од Хабитат Македонија вели дека во државата, Хабитат работи од 2010 година, а во Куманово Меморандум за соработка со општината е потпишан во 2012 година. Зградите, појаснува ги бира општината, откако тие ќе се пријават на јавен оглас.
– Во преговори сме со општина Куманово за продолжување на активностите, мислам дека ќе најдеме разбирање да се продолжи во нова постапка, вели Димитров.
Преку проектот на Хабитат завршени се шест згради. Позитивен пример од примена на овој проект е осмокатницата во Куманово, каде што станарите се согласија и добија енергетски ефикасна фасада столарија со која заштедуваат во потрошувачката на енергијата која се реинвестира во враќање на заемот кој Хабитат го обезбедува за станарите.
И од општината велат има интерес за продолжување на проектот. Во овој период во соработка со станбените домари се одржуваат состаноци за да се увидат најкритичните згради. Се размислува да се помогне со повеќе проекти преку учество на различни организации и институции.
– Во наредниот период планираме да го продолжиме со поддршка за сопствениците на овие згради. Во моментов се проценуваат оние згради кои имаат покрупни проблеми и размислуваме да им помогнеме со учество на некои организации, можеби и учество и пакет со општински претпријатија, но сепак, клучно е станарите самите да разберат дека тие се сопственици. Можеби ќе ги вметнеме и општинските претпријатија како што е „Куманово гас“, вели Горан Митевски од општина Куманово.
Како и да се обноват фасадите со учество на која и да е било организација, институција, без интерес и иницијатива на станарите не е можна реализација, велат и од општината, инспекторатот и лиценцираните управители. Станарите се сопственици и нивната одлука е клучна за да се обноват фасадите и да постигне високо ниво за безбедност за случајните минувачи кои сега претпазливо поминуваат покрај зградите во центарот на Куманово.
Александра Максимовска МИА