Хокинг ја завршил својата „најголема теорија“ пред да почине?

од desk2
91 прегледи

Физичарот Стивен Хокинг наводно ја завршил работата на својата „досега најголема теорија“, неколку дена пред да почине, пишуваат британските медиуми.

Како што пренесува британскиот „The Telegraph“, неговите колеги откриле дека последната работа на славниот физичар моментално е на проверки пред да биде објавена во „еден од најголемите светски научни списанија“.

Во прашање е проект по име „Гладок излез од вечната инфлација“, кој би требало математички да ја покаже можноста за постоење на голем број на паралелни универзуми.

Хокинг на оваа теорија, која би можела да претставува негово „најголемо научно наследство“, работел заедно со докторот Томас Хертог, кој потврди дека последната ревизија била завршена кон почетокот на март, десетина дена пред смртта на Хокинг.

Во теоријата се изведуваат математички пресметки неопходни за мисија на вселенска сонда, која би барала докази околу постоењето на паралелен универзум.

Според теоријата, доказите би можеле да се најдат во „позадинска радијација“, која датира од првите моменти од создавањето на нашата вселена.

Британските медиуми пренесуваат дека оваа теорија, ако навистина доведе до некои докази, речиси сигурно ќе им донесе на авторите Нобелова награда, која Хокинг во текот на животот не ја доби.

Сепак, оваа награда не се доделува постхумно. Хокинг, еден од најголемите умови во 21 век, почина минатата недела.