Европската комисија предложи во Европската Унија да бидат оданочувани големите дигитални компании како Facebook, Amazon и Google.

Оваа мерка би можела да создаде тензии со САД од каде доаѓаат повеќето технолошки гиганти.
Еврокомесарот за економски прашања Пјер Московиси ги презентираше двата нови предлози на ЕК за оданочување на дигиталните фирми кои немаат физичко присуство на континентот.
Брисел сака да го оданочи приходот на одредени дигитални активности на технолошките гиганти. Конкретно тоа значи дека овој данок би се применил на активности како што се продажбата на рекламен простор, продажбата на податоци на корисниците или други дигитални активности кои ја олеснуваат размената на добра и услуги помеѓу корисниците.
Европската комисија смета дека со даночна стапка од три отсто би се генерирале околу пет милијарди евра приход за земјите членки. Таргетирани се компаниите со годишен глобален приход од над 750 милиони евра или европски приход од 50 милиони евра.
Вториот предлог е да се оданочи профитот на овие фирми во земјите каде исполнуваат еден од следните три услови, над седум милиони годишен приход во земја членка на ЕУ, над 100.000 корисници во една земја членка или над три илјади деловни договори за дигитални услуги помеѓу компанијата и бизнис корисниците.
Предлогот доаѓа во време кога европската јавност, според сите мерења на јавното мнение, е особено чувствителна на фискалната евазија на големите фирми, особено дигиталните. Но, тој доаѓа и во момент на затегнати односи меѓу ЕУ и САД.
Имено, овие предлози најмногу би ги опфатиле гигантите од Силиконската Долина, како Facebook, Amazon, Apple или Google.