Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Грција, Никос Коѕијас, на која нагласил дека решението за кое преговара македонската Влада треба да ги запазува државните и националните интереси.

Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски на средбата истакнал дека партијата е за развивање добрососедски односи, базирани на искрено пријателство и меѓусебно почитување и воедно изразил загриженост за одредени чекори во грчкото општество, кои, како што рекол, иритираат и поттикнуваат негативи чувства кон Република Македонија.
„Македонија и Грција треба да имаат заеднички интерес за засилена соработка во многу полиња кои се од интерес на граѓаните од двете држави на економски и политички план“, рекол лидерот на опозициската партија.
Тој воедно посочил дека Република Македонија мора да продолжи со својата евро-атлантска агенда и процесот да биде деблокиран.
„Тоа ќе придонесе и за интеграција и стабилизирање на регионот преку засилена соработка во рамките на глобалните структури кон кои тежнее Република Македонија и природно припаѓа“, истакнал Мицкоски.