Групацијата Триглав ќе исплати 56.837.870 евра дивиденда за 2017 година. Надзорниот одбор на Заваровалница Триглав на седницата одржана вчера го потврди ревидираниот годишен извештај на Групацијата Триглав и на матичното друштво за 2017 година и ќе предложи исплата на дивиденда по 2,5 евра бруто по акција.
Од Триглав информираат дека добивката на Групацијата е над планираната. Оствари 84,4 милиони евра добивка пред оданочување, додека планирано беше помеѓу 70 и 80 милиони евра.
Три години по ред Групацијата Триглав постигнува премијски раст, којшто во 2017 година изнесуваше дури 7 проценти. Обезбеди 1 милијарда евра консолидирана бруто премија од осигурување, соосигурување и реосигурување, а планираната изнесуваше околку 930 милиони евра.
Триглав Осигурување во Македонија во 2017 година, како што стои во соопштението, оствари добри резултати. Бруто полисираната премија во доменот на неживотни осигурувања е на ниво на претходната година. Компанијата во 2017 година оствари 2,1 процентен поен подобар комбиниран количник во однос на резултатот реализиран во 2016 година.
– Нѐ радува резултатот остварен во доменот на доброволно здравствено осигурување, каде што во 2017 година остваривме раст од 11 проценти во споредба со 2016 година. Ова е важен продуктен сегмент за Триглав, којшто настојуваме континуирано да го развиваме и подобруваме, за што подобро да одговориме на потребите на пазарот, а тоа го потврдуваат и самите резултати, изјави главниот извршен директор на Триглав Осигурување Скопје, Ѓорѓе Војновиќ.