СДСМ ја зароби државата, а со тоа и целото општествено – економско работење падна на колена, Република Македонија ја заврши 2017 година без раст на БДП. Државата после долг период не бележи раст и тоа е само поради неспособноста на актуелната влада, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.

„СДСМ не работи за граѓаните, туку за тесно партиските интереси и елитите од Бихаќка. Секое македонско семејство од почетокот на година е задолжено за нови 1.200 евра. Нов долг има, раст нема. Инвестиции воопшто. Ова го има само во Република Македонија под водство на СДСМ“, се вели во соопштението.
Сметаат дека власта удрила по џебот на граѓаните и тоа не еднаш, туку повеќе пати. Немилосрдното задолжување на идните генерации е пропратено и со покачување на акцизата на нафтените деривати за 3.5 денари. Ова не беше доволен удар по џебот на граѓаните, па власта се реши на покачување на персоналниот данок на доход од 10% на 18%. Или буквално кажано задолжувањето на СДСМ од кое граѓаните немаат никаков бенефит, ќе го враќаат токму граѓаните преку повисоки даноци.