„Андроид Орео“ достапен на 4,6 отсто од смартфоните

од Vladimir Zorba
84 прегледи

„Гугл“ ги објави најновите податоци поврзани со дистрибуцијата на различни „Андроид“ верзии. Информациите се генерирани во период од седум денови, кој заврши на 16 април, откривајќи интересни детали за популарноста на платформата.

Најинтересен дел од извештајот на „Гугл“ е дека „Андроид Орео“ веќе функционира на 4,6 отсто од смартфоните на пазарот, откако 0,5 отсто од нив веќе се надградени до „Андроид 8.1“, соопштува официјалниот блог на програмерите на мобилниот оперативен систем. За споредба, во февруари оваа бројка изнесуваше 1,1 отсто.

На овој начин, „Андроид Орео“ успеа првпат да го надмине оперативниот систем „Џели Бин“, кој го користат 4,5 отсто од уредите. „Ајскрим Сендвич ОС“ и „Андроид Џинџербред“ се достапни кај 0,4 и 0,3 отсто, соодветно, додека „Киткет“ кај 10,5 отсто.

Новите податоци потврдуваат дека „Андроид Нугат“ продолжува да биде најпопуларната верзија на мобилната платформа и снабдува 30,8 отсто од сите паметни телефони со оваа платформа. Во моментов оперативниот систем „Маршмелоу“ работи на 26 отсто од уредите на глобално ниво.

Компанијата се надева дека пазарното влијание на „Андроид Орео“ ќе продолжи да расте во наредните месеци за сметка на постарите верзии на платформата. И покрај обидите на „Гугл“, ќе биде потребно повеќе време за целосно совладување на проблемот со фрагментацијата на „Андроид“.