Ако тргнете низ стрмната и тесна уличка во Кратовската чаршија, што води кон познатиот Радин мост, и на првата раскрсница свртите лево, по одминувањето на двете повеќевековни кули, ќе наидете на куќата од која се уште се шири изворната миризба на надалеку прочуената и препознатлива Кратовска к’цана сол „Шлеговац“.
Домаќинот на куќата која потекнува од осумнаесеттиот век, Стевче Доневски, раскажува дека во неговата фамилија се негува традицијата на подготовка и до педесет килограми годишно, ваква сол, зачин чиј специфичен и богат вкус се добива со комбинација на десетина автентични продукти и билки од Кратовското поднебје.
-Во нашата фамилија к’цана сол се прави 250 години. Си знаеме дека ја подготвувале прабаба ми, па баба, по неа мајка ми Дафинка ни го пренесе рецептот мене и на мојата сестра и ние правиме од 35 до 50-тина килограми годишно. Се подготвува од мајчина душица-чај од околината на Шлегово, нане-билка која ја има секоја куќа, повечерка-ноќна трева која ја има на Здравчев камен, ароматична билка која е исто така специфична и цути во јули-ноктец, има форма на нокт, понатаму, се додава босилек, бел и црн, како и : црвен пипер и тоа стара сорта Криворечка, од село Вак’в и пченка–царевка од истиот крај, раскажува Доневски, кој вели дека токму традиционалните сорти и начинот на приготвување го даваат автентичнито вкус на зачинот.
Се прави два пати во годината, еднаш околу Митровден, во ноември и еднаш на пролет, во април, околу Велигден, а подготовката е во дрвен сад т.н дибек и се толчи со ќускија.
-Ние не правиме индустрија, туку традиционално, по малку, на тура по седум килограми и така во два наврати, на по шест месеци. Кој пробал, знае, ова е повеќевековен зачин кој со лепче им го нудиме на гостите за добредојде. Има и лута и блага сол, зависно од вкусовите, а надополнува секакви јадења, ги оплеменува и отвора апетит. Со зачувување на рецептот дојдов на идеја и да го промовирам нашироко и надалеку, во мојата етно куќа, „Шанчева“, староградска градба, прва етно-куќа во Осоговскиот регион што ја реновирав само малку, колку да не биде уништена од забот на времето, со зачувување на градежните специфики од пред III века, вели Донески.
Под мотото „Верни на традицијата-горди на историјата“ Донески ги пречекува гостите во куќата со традиционален дух, изградена само со слама и глина-без ниту една тула, со нерамнини на ѕидовите на кои нема пукнатини, но висат слики од првите сопственици, традиционални инструменти: тамбура, кемене…сламени и други шешири со кои се одело на поле, на жнеење или на садење компир, па потем-собирање, а стариот амам во куќата-пак, е претворен во бифе од каде може секој гостин да вкуси добро старо вино, по домашен рецепт, со мирис кој опива.
-Јас не умеам да ги раскажувам приказните од времето во кое живееле предците со нивно преувеличување, но сосема умешно ги доловувам сите некогаш карактеристични навики, обичаи и секојдневни рутини кои ги применувале оние пред нас, а тоа, верувајте, ги плени посетителите, оти несекојдневна е можноста на неколку дена да живеат како пред неколку века. Можат да спијат на стар дрвен брачен кревет, на кревет со метална пружина, да слушаат плочи на зачуваниот и реставриран грамофон или на радиото во ист стил, како и да читаат класици на светлина на виделца, додава Донески.
Во книгата на впечатоци се потпишани амбасадори, аташеа, конзули и туристи од бројни Европски држави, но и од цел свет, од Јапонија и Кина, преку Полска и Канада и Австралија.
– Во 2016 година мојата куќа ја посетија околу деведесетина гости,кои преноќија најмалку по две вечери, а пак лани, околу сто. Доаѓаат и туристички тури-посетители, а секој различно се воодушевува од она што го гледа. Некои во книгата на впечатоци ги отсликуваат и импресиите, покрај тоа што со зборови ги запишуваат, додава тој.
Донески е активен координатор во „Слоу фуд“ Македонија каде покрај со к’цаната сол Шлеговац, наскоро ќе биде препознатлив по уникатната и несекојдневна комбинација што планира да ја заштити како бренд.
-Органски мед- една лажица во комбинација со семе од анасон е моќна комбинација, која е енергетски силна, а се уште никој не ја произведува со традиционална рецептура како спој. Во консултација со Универзитетот во Бра, Италија, ќе се одреди соодноост во грамажа на двете состојки што соодветствува на една лажичка мед со анасон, а ќе биде пакуван во амбалажа по светски стандарди на органски производ, со што ќе добијам оригинален производ што ќе може секој да го вкуси и да го промовираме како наш бренд, рече Донески.
Медот нема рок на употреба, а исто и ракијата. Aнасонот е семе кое се додава во раки-најчесто во мастика. Ова ќе биде оригинален производ во светски рамки.
-Мед и сирење се пакува и е традиционален рецепт во Либија и Турција, но мед со анасон- комбинација позната како добредошлица во Кратово, не се пакува никаде. Јас не сум го измислил рецептот, тоа е традиција која ми ја кажа една деведесетгодишна старица до нашиот крај. Ако се пресмета, на сто и педесет килограми мед пакување со анасон ќе добиеме околу 6.000 лажички, што е навистина многу. Од универзитетот во Бра очекувам да одредат дали ќе се пакува во стаклена или дрвена амбалажа, но ќе биде унифицирана и уникатна, со гордост раскажува Донески.
Еден сосема обичен, убав и сончев ден во април ја вкусивме солта „Шлеговец“, пробавме и закуска-мед со анасон, на гладно, а не крепеше сѐ до пладне, дури уживавме во разгледувањето на познатите кули и мостови во Кратово, градчето што лежи на вулканските кратери, градчето кое неминовно мами да дојдете повторно, а во името на радоста која ја понесовме и убавините кои ги доживеавме, оставаме нашата репортажа да ве поттикне час поскоро да го вкусите и искусите сами сето она за кое пишувавме.
Ирена Димитровска миа