„Пинокио и вештерката“ – за да се уплаши стравот од разумот

од Vladimir Zorba
196 прегледи

„Пинокио и вештерката“, книгата, како што вели авторката Наташа Димитриевска Кривошеев, што е наменета за возрасните кои изгубени во трката по пари, престиж, кариера, во светот што се загуши во лаги, интриги и криминал, престанале да им ги читаат и да им ги раскажуваат бајките на децата, од денеска е пуштена во продажба во книжарницата „Или-Или“.

– „Пинокио и вештерката“ треба да се прочита за да можат децата да пораснат, за да сфатат возрасните дека вистината е во бајките, а не во виното, за да се уплаши стравот од разумот, за да носот на Пинокио асоцира на желба, а не на лага, за да се едначи Вештерката со предизвик, а не со закана и за мојата мака да не биде бадијала, наведе Димитриевска Кривошеев.

Таа упати благодарност до Карло Колоди, авторот на Пинокио, бидејќи го создал ликот, кој таа го искористила во нејзината приказна и воедно му се извини доколку недостојно го искористила во времето во кое не припаѓа тој.

– Пинокио кој што асоцира на лага доби задача од вештерката да ги соедини ликовите, секој во неговата бајка. Фикција во која се мешаат реалниот и замислениот свет. Задачата на Пинокио е да го спаси светот. Исполнувајќи ја таа мисија тој преку разговорот со ликовите од бајките, авторката и Вештерката, треба да созрее за да ја направи разликата меѓу доброто и злото, посочи авторката за бајката.

Димитриевска Кривошеев информира дека се подготвува промоцијата за „Пинокио и вештерката“.

– Остави ги луѓето нека лажат. Нив не можеш да ги поправиш. Тоа е преголем залак за тебе. Врати им се на децата и натерај ги да те засакаат, да го победат стравот, да ја најдат вистината преку бајките. Ќе ти поверува Пинокио, ти си сега умно момче… се наведува во освртот на книгата, кој е напишан од страна на проф. д-р Ангелина Бановиќ Марковска.

Досега Димитриевска Кривошеев има издадено две книги „ЛИСА“ и „Девојко мала“. /МИА