Реконструкција на Влада по 1 мај

од desk2
267 прегледи

Освен меѓупартиските преговори за проширување на владината коалиција, реконструкцијата на извршната власт ќе зависи и од досегашните резултати на министерствата и другите институции, тврди премиерот Зоран Заев.

Иако најави дека крај на април ќе биде последен рок за преговорите со другите мали парламентарни партии, сепак денеска рече дека по први Мај ќе бидат донесени одлуки за тоа на која политичка партија кое министерско ќе ѝ припадне.

Групата пратеници на Африм Гаши, велат дека преговорите се во завршна фаза, истакнувајќи дека некои од условите кои ги поставиле, веќе биле прифатени од премиерот.

Од Беса не откриваат многу детали, само информираат дека тројца нивни пратеници се на вистински пат да му се приклучат на парламентарното мнозинство. Од крилото Беса на Биљал Касами, пак, настојуваат да ја сочуваат тајноста на преговорите.

„Имаме постојана комуникација, а преговорите се во завршна фаза. Во моментот кога ќе бидат конкретизирани сите прашања, ќе го поделиме тоа со јавноста“, порачаа од Беса.

Од ДПА, велат дека добиле покана од Заев за влез во парламентарното мнозинство, но дека за тоа сѐ уште не дискутирале во рамките на Централното раководство на партијата. Според внатрешни извори, постои можност двајца пратеници од редовите на ДПА, да застанат на чело на некоја институција. Од Алијанса за Албанците, уверуваат дека се во преговори со премиерот и дека остануваат на истиот став – да не бидат дел од владиниот состав, кој го напуштија пред неколку месеци./ТВ21