Катлановска бања со години на диво лекувала пациенти, без дозвола за вршење здравствена дејност, а соработувала и со Фондот за здравствено осигурување, кој одвојувал пари за лекување на пациентите и покрај тоа што правниот субјект немал дозвола за оваа дејност.

Вонредниот инспекциски надзор на Државниот санитарен и здравствен иснекторат утврдил дека во објектот на Катлановска бања може да се врши бањско лекување, но не и медицинско, тврди директорката ДСЗИ, Ирена Бухова.
„Дополнително, во правниот субјект се затекнати тројца доктори кои не се државјани на Македонија, а немале дозвола од Министерството за здравство, ниту од Лекарската комора. ДСЗИ даде забрана за вршење здравствена дејност сè до обезбедување документација. Бањското лекување не влегува во измените на Законот за здравствената заштита, па, така, не може да се изврши надзор во тој дел“, вели директорката Бухова додавајќи дека нема податок за тоа од кога докторите без дозвола работеле во бањата.
Бухoва вели дека Инспекторатот нема основа за изрекување казни бидејќи правниот субјект нема дозвола за медицунско лекување. Последниот надзор во Катлановска бања бил извршен минатото лето, но тогаш инспекторите не евидентирале дека правниот субјект нема дозвола.
Нови пациенти во Катлановска бања не смеат да се примаат, а оние што во моментот се на лекување, ќе останат до крајот на третманите.