За АКМИС системите ОЈО сослушува сведоци, се проверува кој ги местел распоредите за одредени предмети

од desk2
84 прегледи

Обвинители од Скопското јавно обвинителство за неправилности во Основниот суд Скопје 1 при распределбата на предмети кај судии, како сведоци ги сослушале вработените од ИТ одделот и од судската администрација кои имале допир и информации за движењето на одредени предмети. Како што потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК државниот обвинител Љупчо Јовески, сослушани се и претставници од Апелациониот суд Скопје. Повикано е, но уште не дошло одговорното лице за АКМИС-от во Врховниот суд.

Во предистражната постапка која е почната од први февруари, во обвинителството досега не се повикани поранешните претседатели на Основниот суд Скопје 1 Владимир Панчевски и Татјана Михајлова, за чиј мандат според експертската група од Министерството за правда биле најдени манипулации во АКМИС системот. Нема сè уште да се повикуваат ни претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, ниту неговата претходничка Лидија Неделкова. Продолжува сослушувањето на сведоците вработени во трите суда, ни одговори Јовески.

Државниот обвинител вели дека истражителите проверуваат одредени предмети дали биле делени кај одредени судии со електронска распределба преку АКМИС системот, или тој бил заобиколен. Додека не се обезбедат сигурни докази, ќе трае предистражната постапка. Тој вели дека од доказите ќе зависи дали Обвинителството ќе ги повика на распит поранешните претседатели на овие судови, или не и дека од тоа ќе зависи натамошниот тек на постапката.