За жал се потврдија повеќемесечните стравувања како и наши укажувања во однос на евроинтеграциите на Македонија, дека земјата ризикува да не добие датум за почеток на преговори. Не само заради спорот со името туку и заради катастрофалното ниско ниво на реформи. Укажувавме дека реформи нема во клучните области, како владеење на правото, борба против организиран криминал и корупција, реформи во администрацијата, економски реформи како и реформи во клучните области како здравство, труд и социјала, образование и екологија. Тоа јасно беше посочено во извештајот на Европската Комисија за Македонија, кој иако беше позитивен, имаше јасна критика во делот на реформи – вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Тој рече дека и пред објавување на извештајот, а и откако се објави извештајот, јасно укажувале дека реформи нема, а дека причината поради која Македонија доби позитивен извештај се исклучиво политичките критериуми.
– Тие се доволни за Комисијата да препорача почеток на преговори, но се недоволни земјите членки да прифатат почеток на преговори затоа што бараат реални реформи, бараат граѓаните на Македонија да живеат според европските, а не според африкански стандарди и јасно кажаа дека неподготвени земји веќе нема да се примаат во Европската Унија. Затоа не треба да не чуди што влијателни земји како Франција, Холандија, Данска составуваат „нон пејпр“ во кој се спротивставуваат на давањето датум за почеток на преговори на Македонија во Јуни. Овие земји се пријатели, а не непријатели на Македонија. Тие само го констатираат она што Европската Комисија претходно го напиша, а владата не сакаше да го прочита, нешто за што и не ни треба извештај од Европската Унија за да го видиме – истакна Николоски.
Според него, граѓаните секојдневно чувствуваат и знаат дека реформи нема, дека напредок нема, дека економија тоне.