Османи-Аврамопулос: Владата го усвои договорот за Фронтекс, подготвени сме за негово потпишување

од desk2
127 прегледи

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, заедно со министерот за економија Крешник Бектеши, во рамки на работна посета на Брисел остварија средба со еврокомесарот за миграција и внатрешни работи Димитрис Аврамопулос.


На средбата Османи ја претстави содржината на новиот реформски План 18 со посебен акцент на имплементација на реформите во делот на борбата против организираниот криминал и корупцијата односно на делот со миграциите т.е. унапредување на соработката со Фронтекс.

– Носам добри вести од Скопје, каде вчера, Владата, донесе одлука со која го усвои текстот на Договорот меѓу Република Македонија и Европската унија, со кој се регулира статусот на пограничните служби и соработката со европските погранични органи – ФРОНТЕКС, истакна Османи на средба, испраќајќи притоа отворена покана до еврокомесарот Аврамопулос за посета на земјава на која би се потпишал и официјализирал овој договор.

Османи, како што соопшти прес-службата на СЕП, го информираше еврокомесарот за новиот План 18, во контекст на неговата улога на катализатор на реформите на земјата до формалниот почеток на преговорите.
– Се надевам на успешен резултат од јунските самити на ЕУ, со одлука која ќе ја забетонира нашата евроатлантска иднина, истакна Османи.

Соговорниците ја отворија и темата за напредокот во политичките односи помеѓу Македонија и Грција при што изразија задоволство од постигнатиот напредок во затоплувањето на односите, деескалација на политичките несогласувања, но и задоволство од напредокот во разговорите околу спорот за името.
– Се надевам дека многу скоро спорот меѓу Македонија и Грција ќе биде надминат со што ќе се создадат услови за забрзано продлабочување на добрата соработката меѓу двете земји, додаде Османи.
Во рамки на дводневната работна посета на Брисел, Османи денеска ќе оствари средба и со Кристијан Даниелсон, Генерален директор во Директоратот за Европска соседска политика и преговори за проширување во рамките на која ќе биде презентиран новиот реформски План 18 пред претставниците на Директоратот за проширување, од каде Османи, покрај поддршката за Планот, ќе побара и сугестии, коментари и евентуални забелешки кои би се искористиле при финализацијата на содржината на новиот реформски План 18 кој се очекува набрзо да биде усвоен од страна на Владата.

Османи утре ќе оствари средба и со високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Федерика Могерини и ќе одржи брифинг со претставниците на земјите членки на Европската унија во работната група КОВЕБ, а на маргините на посетата ќе има и свое обраќање за европските интеграции на Македонија пред дипломатските претставници како и претставниците на граѓанскиот сектор во Брисел, во организација на фондација Ханс Зајдл.