МСУ со низа настани од програмата Викенд на гордоста

од Vladimir Zorba
114 прегледи

Во Музејот на современата уметност – Скопје, oд 7 до 10 јуни ќе се одржи дел од програмата на Викендот на гордоста Скопје 2018, во организација на Коалиција Маргини и ЛГБТИ Центарот за поддршка.

Со изложбата на фотографии – „CORPUS QUEER: тела на отпор 1980-2018“ на Дел Лагрејс Волкено, која ќе се отвори на 7 јуни (четврток) во 21 часот во Музејот на современата уметност (МСУ), започнува официјалната програма.

Дел Лагрејс Волкено е визуелен уметник кој преку фотографијата настојува да ги наруши и проблематизира општествено-културните бинарности користејќи ги висцералното задоволство и политичката провокација како примарни стратегии на отпор. Волкено е роден/а како интерсексуална личност, но со женскиот пол назначен од раѓање, во кој е и одгледан/а, по што првите 37 години од својот живот ги поминува како жена. Живее како не-бинарна и отворено интерсексуална личност од 1995 година. По завршување на студиите на Институтот за уметност во Сан Франциско од 1979-81 година се здобива со магистерска титула по Фотографски студии на Универзитетот во Дерби, Велика Британија во 1992 година. Има создадено пет фотографски монографии, од LoveBites во 1991 г. до The Drag King Book во 1999 г. со Џек Халберстам, до Femmes of Power: Exploding Queer Femininities во 2008 со Улрика Дал.

 

На 9 јуни (сабота) во 13 часот во МСУ ќе се одржи и проекција на филмот „Жената лубеница“ на Шерил Дунје, како програмска соработка помеѓу  МСУ филм и видео програмата на Викендот на гордоста.

“Жена лубеница”, одредена од историчарите на филмот и квир теоретичарите како еден од првите New Queer Cinema филмови, ја отсликува комплексноста на расата и полот и сите последователни социјални идентитети, конструирајќи различна верзија на класичен Холивуд, на неверојатно свеж, стимулирачки и забавен начин. Отворената Cheryl Dunye гради лажен cinéma vérité филм како полу-автобиографска приказна за една од верзиите на сопствената личност.

 

Музејот на современата уметност е партнер на Викендот на гордоста 2018, партнерство релизирано преку програма која ја слави љубовта и подршката, културата на сеќавањето и разбирањето, но и програма која ги отвара прашањата за неизбришливите ефекти на минатото.