Прирачник за бизнис планирање за рехабилитација на недвижни културни добра

од Vladimir Zorba
114 прегледи

Управата за заштита на културното наследство (УЗКН) денеска промовираше македонско издание на публикацијата „Бизнис планирање за рехабилитација на недвижни културни добра – Прирачник за изработка и спроведување“ во превод од српски јазик.

На оваа тема беше одржана и еднодневна работилница на која учествуваа стручни лица од институциите за заштита на недвижното културно наследство (заводи за заштита и конзерваторски центри), локални самоуправи и професионални здруженија, како и од граѓанскиот сектор.

Бизнис планирањето за недвижно културно наследство беше претставено според методологија на Советот на Европа развиена во рамки на регионалниот проект „Љубљански процес: рехабилитација на нашето заедничко наследство“ кој се спроведуваше во земјите од Југоисточна Европа во периодот 2006-2014 година со финансиска поддршка од Европската комисија.

– Меѓу целите на работилницата се внесување нови содржини и приоди за заштита на културното наследство засновани на неговата (само)одржливот, јакнење на капацитетите на стручните лица од сферата на заштитата и управувањето со недвижното културно наследство за (бизнис) планирање, соопшти УЗКН.

Настанот е дел од годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – европска вредност“.