Ѓорѓе Иванов не го става својот потпис на договорот со Грција – ова го соопшти во своето обраќање кое очекувано помина без новинарски прашања. Рече дека неговиот став е конечен и дека нема да се поколеба на закани и притисоци. Договорот го нарече штетен, а однесувањето на Владата тајно и нетранспарентно. Според претседателот, ова е личен договор на Заев и Димитров и нивна ќе биде одговорноста за штетната одлука. Иванов рече дека премиерот и министерот ги напуштиле изградените цврсти основи за неменување на Уставот и неприфаќање на име за севкупна употреба.

„Мојот став е конечен и нема да ме поколебаат со никакви притисоци, уцени и закани. Нема да поддржам и потпишам ваков штетен текст на договор“ – рече Иванов.
Вака изгледаа заминувањата на Иванов по неговите обраќања – со брз чекор без можност да ги слушне прашањата на новинарите. На 12 април 2016 Иванов објави аболиција за педесетина политичари која резултираше со ескалација на протестите и продлабочување на политичката криза. Една година подоцна, на 1 март 2017 Иванов пред камерите соопшти дека не го дава мандатот на Зоран Заев, а во јануари годинава се обрати на јавноста да каже дека става вето на законот за јазиците. Сите негови обраќања завршуваат со бегање од новинарите, одјава која веќе стана очекувана, но не и прифатлива за јавноста.
извор: 1тв