Општествената одговорност и граѓанската иницијативност за подобрување и унапредување на животната средина е клучна алатка за навременото реагирање на локалната и централната власт. Соочени со проблемот на појавата од диви депонии во Скопје, но и низ цела територија на државата, станува се поважна активна вклученост на граѓанскиот сектор во соработка со надлежните институции.
Навременото откривање и сузбивање на дивите депонии е одговорност на властите, но и на граѓаните и граѓанските организации кои треба активно да учествуваат во подобрувањна животна средина и нејзината заштита. Механизмот на поднесување на претставки до надлежните институции е важна алатка која треба да стане пракса, но и познавањето на законската регулатива која ќе овозможи транспарентна соработка меѓу граѓаните и властите, со посредување на НВО секторот.
Во Скопје, критични локации каде „никнуваат“ диви депонии е долж течението на реката Вардар, кое се протега низ општините Ѓорче Петров, Карпош и Аеродром. Со цел да се лоцираат проблемите за создавање и сузбивање на истите, граѓанската организација МЦОРК спроведе анкета на репрезентативен примерок од 3614 граѓани. Истражувањето е дел од проектот „Улогата на граѓанинот како директен учесник во подигнувањето на еколошката свест и заштита на животната средина“. Резултатите укажуваат дека граѓанската иницијативност за пријавување на диви депонии е многу мала, но сметаат дека преку медиумите и социјалните мрежи треба да се актуализира ова прашање со цел подигање на еколошката свест. Еден од посочените проблеми за неактивноста на граѓаните е нивната неинформираност и можноста дирекно да влијаат во отстранување на диви депонии. Од друга страна отежнатоста во спроведување и измените на Законот за управување на отпад прави неизбалнсираност меѓу релевантните институции и нивните надлежности.
Од анкетата може да се заклучи дека најголем дел од испитаниците сметаат дека состојбата со животната средина во нивната општина е делумно добра, но истата треба да се подобрува. Вкупните резултати на ова прашање за сите три општини укажуваат на тоа дека граѓаните не се целосно задоволни од актуелната еколошка ситуација.
Граѓаните не се доволно информирани за начините на пријавување диви депонии
Граѓаните имаат одговорност во управувањето на комуналниот отпад, и нивна обврска е да се грижат за животната средина. Во Скопје, граѓаните се свесни дека постојат еколошки „жаришта“, но според истражувањето, резултатите покажале низок степен на информираност за начините на кои можат да пријават појава на дива депонија.

Дел од испитаниците потврдиле дека се информирале преку интернет, а во помал процент од другите печатени и електронски медиуми.
Според анкетата, граѓаните не се запознаени преку кои социјални медиуми можат да укажат на постоење на дива депонија. За сега преку активната фејсбук страна „Пријави депонија“ граѓаните можат да алармираат, а граѓанската организација Македонскиот центар за одржлив развој и конкурентност Скопје (МЦОРК) во вид на формална претставка ја доставува до општинските власти, со цел навремено и ефикасно чистење.
МЦОРК поднесе претставка до надлежните, за сузбивање на дива депонија во општина Ѓорче Петров, долж течението на реката Вардар.
Граѓаните ги посочуваат надлежните институции како најодговорни за проблемот со дивите депонии
Анкетираните граѓани сметаат дека ненавремената и несоодветна интервенција на надлежните институции за откривање на сторителите и чистење на дивите депонии има најголемо влијание за појавата на овој проблем, како и непочитувањето на постоечката законска регулатива. Тие сметаат дека и ниското ниво на јавна свест на граѓаните за правилно управување со отпад допринесува до зголемување на проблемот.Резултатите од истражувањето покажаа дека само мал процент од испитаниците се свесни за активното учество во зачувувањето на животната средина.

Подигање на јавната свест клучна во надминување на проблемот со дивите депонии
Анкетираните сметаат дека свесноста за важноста од граѓанската иницијативност е мала. Од добиените резултати може да се заклучи дека 590 испитаници или 17% одговориле со да, 1168 испитаници или 33% со делумно и 1756 испитаници или 50% со не, односно сметаат дека граѓаните од нивната општина не се доволно свесни за потребата од активно учество во зачувувањето на животната средина.

Од истражувањето може да се добие увид низ кои алатки граѓаните сметаат дека е најдобро да се подигне свесноста. Според нив медиумските кампањи, едукацијата и разни акции можат да придонесат граѓанска иницијативност.
Најголем број од испитаниците сметаат дека треба да се водат постојани акции од надлежните институции и директни средби со граѓаните, потоа сметаат дека е потребно подобро информирање на јавноста преку средствата за информирање (социјални медиуми, телевизија и сл.) и еден дел од испитаниците сметаат дека е потребна поголема активност на граѓанските организации во градењето на соработка со граѓаните. Одреден дел на испитаници ја посочиле потребата од постојани инспекциски надзори како и казнување на загадувачите на животната средина.

Граѓаните не ги користат алатките за пријавување на депонии
Граѓаните во мал процент го користат своето право за пријава на дива депонија. Досега само 5% реагирале до надлежните институции. Од добиентие податоци во најголем дел од случаите кога граѓаните пријавиле дива депонија, одговорните институции не дејствувале навремено и соодветно. 
Формалното доставување на претставки како успешен механизам за справување со дивите депонии
Граѓаните сметаат дека споделените информации на социјалните медиуми за појава на диви депонии е добро да бидат доставувани во вид на формални претставки до надлежните институции од страна на граѓанските организации. 
Следејќи ги одговорите и на ова прашање, граѓаните ги препознаваат формалните претставки доставени од граѓанските организации до надлежните институции како еден успешен механизам за справување со дивите депонии, се нотира во резултатите на анкетата. Имено, најголемиот број од испитаниците или 83% сметаат дека со формално доставување на претставки до надлежните институции ќе се придонесе за поголема одговорност и делување на надлежните институции.
Пишува: Вероника Камчевска
