„Излези да играме“ во Крива Паланка

од desk4
137 прегледи

  Педесетина деца на различна возраст со нивните родители и другарчиња синоќа во спортската сала „Бранители 2001“ во Крива Паланка се забавуваа и спортуваа, дружејќи се со малку подзаборабените друштвени игри: криенка, ластик, народна, војна, штркот бара боја и други.

Активноста ја организира Здружението за поддршка и развој на бизнисот и претприемништвото „Бизнис клуб“ од Крива Паланка со финансиска поддршка на локалната самоуправа на општината преку грант од Програмата за финансирање на граѓански организации и фондации за 2018 година.

– Ова е втора активност од проектот „Излези да играме“ со кој летово ќе се обидеме да ги ангажираме најмалите кривопаланчани низ бројни настани на неделно ниво преку најразлични забавни, спортски и едукативни игри, оттргнувајќи ги од паметните телефони, таблети и компјутери, информира Сузе Вучковска, задолжена за организација на детските игри.

Игрите се наменети за деца од сите возрасти.

– Иако првичната замисла беше игрите да се одржуваат на отворен простор, временските прилики во последниов период не ни беа наклонети. Со подобрување на времето ќе се вратиме на терените во училишните дворови,спортскиот комплекс во градот и во градскиот парк, додава Вучковска.