Во прилепскиот народен театар „Војдан Чернодрински“ почнаа подготовките на новата претстава „Казимир и Каролина“ од Еден фон Хорват, во режија на Нела Витошевиќ. Режисерката Витошевиќ вели дека текстот прв пат се поставува во Македонија.

– Кога имате претходно сработено одлични претстави со задоволство продолжувате да работите со ансамблот. Автор на текстот е Германец, Еден Вон Хорфат, еден од основоположниците на модерната драма. текстот е напишан во 1932 година и првпат се поставува во Македонија. Проектот ќе се занимава со скршените соништа кои некако до некоја возраст сме ги гаеле. Подоцна, кога ќе се сршат соништата, животот продолжува по инерција. Претставата ќе прозбори колку љубовта во денешно време, љубовта меѓу двајца млади е условена од економскиот аспект и дали сме во трка со времето за позиција и за пари. Или кога ги нема парите, дали љубовта може да опстои, изјави Витошевиќ.
Во претставата играат: Катерина Ч. Клинческа, Никола Настоски, Наташа Наумоска, Димитар Ѓорѓиевски, Даниела Иваноска, Михајло Миленкоски, Јасмина М. Станкоска, Игор Трпчески, Александар Тодески. Сценограф ќе биде Константин Трпеноски, автор на музиката Огнен А Настасоски, а костимограф е Розе Трајческа.
Во наредните недели се читачките проби, а поинтензивно ќе се работи во почетокот на септември. Премиерата ќе биде во октомври.
Досега, Витошевиќ во прилепскиот театар ги режираше претставите: „Сон на летната ноќ“ и „Змејовата невеста“.