Дваесетина судски службеници меѓу кои и актуелниот претседател на кривичниот суд биле сослушани во обвинителството за аферата со АКМИС- местенките на судски предмети.

Извори од обвинителството за тв 24 велат дека вработени од „скопска единица“ каде што се детектирани најголемите злоупотреби, но и од Апелација и Врховниот суд објаснувале за „двојниот АКМИС“, за тоа како се движеле предметите и како се паѓале кај едни исти судии.
По речиси половина година откако комисијата од правда го испрати извештајот до обвинителството, овој случај е се уште во фаза на предистрага, осомничени нема, се повикуваат сведоци. Првиот човек на скопското обвинителство Сашо Рајчев не открива детали од постапката и вели дека обвинителството работи на собирање докази.
„По предметот интензивно се работи и бараме податоци и од Кривичниот суд и од Судскиот совет, но и од СЈО кои паралелно водат слична истрага. Од сите тие податоци ќе зависи понатамошниот тек.“ – вели Сашо Рајчев.
Според нашите информации до сега не биле повикани Панчевски, Михајлова, Неделкова, Вангеловски, клучните луѓе кои во периодот на злоупотребите ги водеа судовите. Денеска еден од двајцата обвинители кои работат на овој предмет обезбедил уште неколку докази од компјутерскиот центар во Кривичниот суд.
Министерката за правда и официјално го објави извештајот на работната група која лани констатираше неправилности со распределбите на предмети. Во интервју за тв24 кажа дека очекува одговорноста да почне од внатре од судовите.
Во документот кој прво се водеше како доверлив, а потоа се направи декласификација нема посочено конкретни имиња на судии или случаи кои биле наместени. Констатирано е дека претходните три години грубо била прекршена процедурата на распределба на предметите и дека 860 предмети биле заташкани./24 Vesti