Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски на денешната работна средба со амбасадорката на Република Србија во Македонија, Душанка Дивјак – Томиќ ја информирал за проектите кои општината ги има започнато во овој период.

– Големо задоволство за двете страни е и акцијата која ја организира здружението на граѓани „Акцијаши“ по повод 55-години од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Во рамки на оваа акција учество имаат земено и група на акцијаши од Република Србија. Посебна благодарност градоначалникот упати и до железници Србија кои заедно со Македонски железници го обезбедија возот со кои беа донесени акцијашите во Скопје, информираат од општина Гази Баба.
Георгиевски и Дивјак – Томиќ на средбата договориле во текот на утрешниот ден да ги посетат акцијашите.
Двајцата соговорници разговарале и за воспоставување на соработка со бизнис коморите во Србија, а било договорено во наредниот период да се организира заеднички економски форум каде компаниите од Македонија и Србија детално ќе се запознаат со можностите кои ги имаат за идна соработка.
Покрај ова на средбата се разговарало и за соработка во делот на културата, а било договорено дека и двете страни заедно ќе вложуваат во заштита и развој на културното наследство.
Градоначалникот Георгиевски, кој е и претседател на Скопскиот плански регион, ја информирал амбасадорката Дивјак – Томиќ дека на последната седница донесена е одлука со која градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ е именуван за официјален претставник на Скопскиот плански регион за соработка со општините во Република Србија.