Вработените во грчката противпожарна служба и пензионираните пожарникари упатуваат на неподготвениот државен механизам и отсуството на план за вонредни ситуации како главни виновници зад трагедијата во источна Атика, отфрлајќи ги препоставките на владините претставници дека пожарите се намерно подметнати со цел дестабилизација на земјата.
Тие го опишуваат пожарот што започна во понеделникот во областа Дау на источните падини на планината Пендели како „мега-оган“, поради фактот што тој избувна во шума со посебно запаливи борови, додека во областа дуваа силни ветрови. Комбинацијата на овие два фактора значеше дека пожарот се проширил без контрола многу брзо, достигнувајќи до брегот во рок од само неколку часа.
Освен тоа, пожарникарите и канадерите беа зафатени обидувајќи се да стават под контрола друг пожар во Кинета, западна Атика, што значи дека имало одредено доцнење во реакцијата на пожарот во источна Атика.

Сепак, искусни пожарникари велат дека отсуството на план за вонредна состојба стои зад смртта на најмалку 74 лица кои биле заробени од пламенот додека бегале од своите домови и барале безбеден излез од областа. Тие ја обвинуваат Службата за противпожарна заштита, регионалната власт на Атика и особено Генералниот секретаријат за цивилна заштита, кој е одговорен за координирање на сите релевантни агенции.
Тие, исто така, укажуваат на очигледен недостиг на подготвеност на државата и покрај предупредувањата издадени во текот на викендот дека ризикот од пожар во понеделникот ќе биде на највисокото Ниво 4, во целиот регион на Атика.
– Очигледно е дека имало доцнење во реакцијата на пожарот во Дау. Службите биле испратени во Кинета и властите не очекувале во Атика да избувне втор пожар, изјави еден сезонски пожарникар за „Катимерини“.
Одговарајќи на гласините и шпекулациите дека пожарите во понеделникот се резултат на организирано подметнување пожари, истите извори истакнуваат дека не е невообичаено во сезона на пожари да има околу 10 пожари во областа на Атика. Тие, исто така, посочуваат на изјави од очевидци дека пожарот во Кинета бил предизвикан од искри кои паднале од далекуводи.
Настаните во источна Атика, во меѓувреме, ги вратија сеќавањата на смртоносните пожари во 2007 година во Илиа на Пелопонез, при што претставници на противпожарните служби велат дека постојат сличности меѓу двата инциденти. Во двата случаи силните ветришта и густата вегетација на теренот ги отежнале напорите за гасење на пожарите, но додаваат дека обилните дождови во Атика претходно овој месец и во јуни, значеле дека условите на теренот не биле толку суви како што беа на Пелопонез во 2007 година.
Катимерини – Атина