Монодрама „Жена со кеса на главата“ во Крива Паланка

од Vladimir Zorba
81 прегледи

Актерката Драгана Босниќ денеска пред публиката во библиотеката „Кочо Рацин“ во Крива Паланка ја изведе монодрамата-автобиографски проект „Жена со кеса на главата” – претстава за жена во четвртата деценија од животот, која по два брака, две сменети држави,  по животниот бродолом и без работа останува на улица, очајна, повредена, во безизлезна ситуација и без можност да се снајде.

Авторскиот проект Босниќ го има изведено 20 пати – во Скопје, на Фестивалот на монодрамата во Битола, во Неготино, Велес, како и во Србија и во Босна и Херцеговина каде беше претставник од Македонија во официјалната селекција на 20. Фестивал за монодрами.

Таа емотивно и реалистички ја прикажува цврстината на жената која донесена пред амбисот на животот ја прифаќа подадената рака. Таа ја извлекува од мракот кон светлината, Божјата светлина која ја спасува и подгнува, возобновувајќии ѝ го животот.

– Изненадена сум од успехот и приемот на монодрамата кај публиката, која често се пронаоѓа во ликот на главната хероина Мери. Секоја нова изведба ја пресоздава приказната, правејќи посебна енергија, блиска комуникација која се остварува со публиката. Адаптибилна е на секаков амбиент и на драго срце ги прифаќам поканите за настап, изјави Босниќ.

Драгана Босниќ (Војводина, 1967) дипломирала на Академијата за уметност во Нови Сад, каде што ја почнала професионалната актерска кариера.  Вработена е во театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес, а работи на сцените на Македонскиот народен театар, Драмски театар-Скопје и во Кумановскиот театар.

Ова е трет авторски проект на Драгана Босниќ поддржан од Град Скопје како проект на малцинствата во Република Македонија. Премиррно е изведен во 2016 година во  Драмскиот театар.