И опозициски поранешни функционери добитници на државен грант

од desk2
126 прегледи

Грант од Фондот за иновации во вредност од 110.000 евра добил и поранешниот функционер близок на ВМРО-ДПМНЕ, Бошко Нелкоски, јави 24 Вести.

Екс-директорот на Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, во чиј мандат, Европската комисија изрази сомнеж за злоупотреба во менаџирањето на европските пари, добил грант за производство на путер од органиски лешник. Телевизија 24 се обиде да стапи во контакт со Нелкоски, но не добивме одговор.

Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ и натаму бара оставки. Денеска прстот го вперија во градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, чиј прв братучед добил пари од Фондот.

„Првиот братучед на Аце Коцевски, Кочо Анѓушев, Хари Локвенец, Цветанка Ласкова, Весна Кузмановиќ и многу други блиски лица од СДСМ ги испумпуваат народните пари преку своите наводно иновативни проекти. Вмешаните функционери во овој мега скандал немаад доблест да си поднесат оставка од морални и етички причини“ – изјави Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Во изјава за Телевизија 24 Коцевски вели дека критиките за Фондот се оправдани, но тврди дека во неговиот случај немало никаков судир на интереси, бидејќи не бил поврзан со фирмата на својот братучед, ниту знаел дека тој учестувал на конкурсот.

„До кое колено ќе одиме? Се согласувам со критиките, но во мојот случај нема судир на интереси, тоа си е друга фирма, јас имам своја со која не сум ни помислил да конкурирам“ – вели Аце Коцевски, градоначалник на Велес

По критиките, со реакција се јавија од СДСМ, а повиците за оставки ги оценија како иронични.

„ВМРО-ДПМНЕ може да ги врати и ќе ги врати единствено милијардите евра што ги украде од граѓаните за време на 11- годишниот грабеж што го правеше врз државата, правдата и неселективното владеење на правото се одамна вратени“ – велат од СДСМ.

Претходно, и премиерот Заев рече дека нема причина за оставки и тврди дека јавниот интерес е заштитен. По неговиот повик сите функционери да се повлечат од грантовите во Фондот за иновации, единствено неговата советничка Ласкова изјави дека не се чувствува повикана, бидејќи не знаела дека фирмата на нејзината снаа учествувала на конкурсот.

Инаку, целата документација од Фондот за иновации е веќе предадена во Јавното обвинителство, потврди вчера директорот на агенцијата во гостувањето на Телевизија 24, и тврди дека нема ништо незаконско во нивната работа.

Обвинителството пак предметот го отворило по допрен глас од јавноста, а по истрагата доколку се докаже злоупотреба, најавија и соодветни пријави.