Нелоски: Владата ќе троши 1,7 милиони евра за нови возила

од desk2
78 прегледи

Службата за општи и заеднички работи при владата на Република Македонија објави тендер за подновување на возниот парк на министрите и директорите на јавните претпријатија, a Владата на СДСМ одлучи да потроши околу 1,7 милиони евра пари на граѓаните за да си купи нови возила, од луксузната линија на Фолксваген, Пасат, обвинија денеска од ВМРО-ДПМНЕ.

„Овие документи се објавени на страницата за јавни набавки. Тендерот е распишан во мај годинава, а на него се пријавила само една компанија која е избрана за набавката. Станува збор за 45 возила кои граѓаните ќе ги чинат околу 1,7 милиони евра или секое возило чини околу 40 илјади евра. Инвестицијата на владата на Заев, се најлуксузната верзија на возилата на германската марка фолксфаген – пасат со црно метална боја и со затемнети стакла. Возилата ќе имаат кожен волан што возачот ќе може да го управува со глас. Возилата ќе стартуваат без клуч и самите ќе реагираат ако возачот е уморен. Исто така и функционерот кој ќе седи на задното седиште ќе има посебен сензор за прилагодување на климата додека седиштето ќе се прилагодува на телото на патникот со што ќе гарантира целосна удобност“, рече Владимир Нелоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој порача дека одговорност за трошење на парите на граѓаните за луксузирањето мора да има.