Зоран Заев денеска повторно бесрамно ја лажеше јавноста со истите лаги за штетниот и капитулантски договор со Грција. Тој дури и на големиот празник Илинден без срам и перде ја погази жртвата на илјадниците македонски херои кои ги положија своите животи за слободна и независна Македонија, сметаат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Само пред месец дена се колнеше во Илинденска Македонија, само пред година дена се колнеше во своите деца и претци дека нема да го промени уставното име, за сега да се колне во АСНОМ и Илинденското востание кои прашање на време е кога ќе ги избрише како темел на македонската државност“, велат од партијата.
„Во Европа се почитуваат вредностите на демократијата, човечките права и правото и ние веруваме и се залагаме за тоа. За жал криминалниот картел на власт во Македонија тоа не го разбира и ја злоупотребува Европа за да гази по Уставот и законите кои се основа на правото, да прогонува и да и се заканува на својот народ, да ја крши кичмата“, додаваат од таму.