Иванов и од Мечкин Камен порача дека не го прифаќа договорот со Грција

од desk2
88 прегледи

 

Претседателот Ѓорге Иванов на прославата на Илинден, од Мечкин Камен во Крушево пораќа уште еднаш дека не го прифаќа договорт со Грција, а за тоа се послужи и со мислата на Блаже Конески, „Големо ни е името, ќе посакаат да ни го земат“.

„Најголемиот показател за вредностите на една нација е консензусот околу она што не е за продажба. А дали со штетниот грчки договор сега ние сами, доброволно им го даваме името? Прашањето за името и идентитетот е постаро од секој Устав, од секоја Влада, од секоја партија, од секој претседател. Постаро е дури и од државата. Ниту еден поединец, од ниту една генерација, нема право да тргува со тоа има и со тој идентитет“, рече Иванов пред насобраните граѓани.

Тој додаде дека останува доследен на својот став, и дека не го прифаќа договорот за името меѓу Скопје и Атина, бидејќи како што посочи, тој грчкиот договор е на штета на македонскиот национален идентитет и на штета на интересите на Македонија.

Иванов од Крушево повика да престане да се злоупотребува остварувањето на стратешките цели и определби на земајата. Европската Унија и НАТО не смеат да бидат алиби за лош договор, кој ќе предизвика несогледливи и штетни последици по државните и националните интереси на Македонија, додаде шефот на државата.

„Лага е дека со овој грчки договор ќе се менува само името на нашата држава. Напротив, се менува и македонскиот државен и институционален идентитет. Лага е дека со овој грчки договор не се погазува 74 годишното право на самоопределување и државност на македонскиот народ. Напротив, со овој грчки договор се брише и државно-правниот континуитет на идеалот на македонскиот народ да има своја држава. Се брише и 27 годишната историјата на независната македонска држава. Лага е дека со овој грчки договор се гарантира членство во Европската Унија и НАТО. Без вистински реформи, без борба против корупцијата, без борба против партискиот елитизам и клиентализам, нема членство во Унијата и НАТО. И да се прифати штетниот грчки договор, и да се промени македонскиот Устав, членството во ЕУ и НАТО не следува по автоматизам. Со прифаќањето на ваквиот договор, ние само ја сечеме гранката на која седиме само затоа што некој не уверува дека во меѓувреме ќе ни израснеле крилја. Лага е дека со овој договор конечно ќе сме станале рамноправен субјект со тоа што Грција ќе не признаела. Напротив, не само што се деградираат нашите стекнати права во Обединетите нации, туку спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема Република Грција. Бидејќи, со овој договор Грција стекнува право да се меша во општото добро на нашата Република“, порача Иванов.

И конечно, лага е дека со овој грчки договор, рече Иванов се јакне македонскиот идентитет. Напротив, со овој грчки договор правно се укинува македонскиот народ.

Многупати се обидувале да ни накалемат некаков туѓ идентитет, но сепак не успеале, бидејќи нашето постоење не зависи од нив туку од самите нас, изјави претседателот Иванов.