Грчкиот амбасадор во Москва повикан на разговор

од desk2
94 прегледи

Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека го повикало на разговор грчкиот амбасадор во Москва, Андреас Фриганос. 

Во соопштението на Министерството се наведува дека на амбасадорот Фриганос му бил пренесен одговорот на Русија на „непријателските активности што Атина ги изврши во текот на јули“.

Грчките власти минатиот месец протераа двајца руски дипломати и на двајца други им забранија влез во земјата, обвинувајќи ги дека се обиделе да поткупат официјални лица и дека ги поттикнувале протестите во Грција против договорот со Македонија. 

Во соопштението на Министерството не се соопштени никакви детали за „рускиот одговор“, но руските медиуми наведуваат дека како реципрочна мерка Русија решила да протера двајца грчки дипломати, чии имиња не се наведени.

Москва уште минатиот месец ги отфрли обвинувањата на Атина, оценувајќи дека грчката Влада ја донела одлуката за протерување на руските дипломати „под притисок на други земји од НАТО“.