Обвинителката Фатиме Фетаи на почетокот на денешното рочиште за случајот „Монструм“, побара од Судот да започне постапката за екстрадиција на обвинетите, Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се на Косово и се недостапни за македонските власти, а по нив е распишана меѓународна потерница.

Одговарајќи на таквото барање, судијата Огнен Ставрев рече дека тие веќе се во контакт со косовските власти и се разговара околу постапката за екстрадиција.
На денешното рочиште свој исказ даде заштитениот сведок, кој препозна неколкумина од обвинетите во случајот.
„Монструм“ се однесува на петкратното убиство кај Смилковско езеро, сторено на 12 април 2012 година.
На доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута. Откако предметот го презеде СЈО, Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За законот се уште се недостапни Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници./Алсат М