Речиси 11 илјади евра ќе има на располагање секој пратеник во Собранието кој сака да води кампања за референдумот. Без разлика која страна ја застапува, дали е „за“, „против“ или „бојкот“ пратеникот доколку побара медиумски простор Собранието е должно да му го овозможи согласно медиа закупот, а пратениците кои застапуваат ист став можат медиумскиот простор да го користат заеднички. Претходната одлука дека министерствата ќе финансираат е поништена, наспроти тоа Владата за потребите на Собранието за референдумската кампања пренамени 80 милиони денари од Буџетот на Република Македонија.

– Собранието со овие пари ќе направи медиа закуп во сите медиуми кои што доставиле ценовник согласно правилникот на Државната изборна комисија. Согласно тој правилник тој медиа закуп, овие средства ќе бидат пропорционално, еднакво, рационално поделени на сите а пратениците потоа ќе треба да се изјаснат и внатре во Собранието да одлучат кој каков тип кампања ќе продуцира и во согласност со времето да го искористи медиумскиот закуп, изјави Бошњаковски.
Како ќе настапува мнозинството дали секој пратеник поединечно или како пратенички групи се уште не е дефинирано, вели во телефонска изјава за 1ТВ, координаторот на пратеничката група на владејачката партија, Томислав Тунтев.
– Договорот е секој пратеник во наредните неколку денови да добие писмено известување за тоа да се изјасни како мисли да се презентира односно да настапи во рамките на претстајната кампања за референдумот и врз основа на нашето изјаснување како пратеници дали „за“, „против“ или „бојкот“ тогаш тоа координативно тело ќе се договори за рамномерна распределба на средствата, вели Тунтев.
Тунтев изрази жалење од фактот што опозицијата не присуствувала на координацијата кај Џафери кога се договарало ова координативно тело. Ги прашавме и ВМРО-ДПМНЕ дали ќе побараат медиумски простор и каква кампања ќе продуцираат но добивме одговор дека тоа ќе биде познато откако партијата ќе одлучи како ќе постапува во текот на референдумската кампања.
– Тоа зависи од онаа одлука којашто како партија треба да се донесе и за која сеуште течат консултациите на терен исклучително нели во онаа кампања што се води „Лето за Македонија“.Така што по донесувањето на одлуката ќе видиме, меѓутоа главното прашање е како се прераспределуваат овие средства од буџетот без ребаланс на буџетот каде што не беа предвидени пари за ваква намена, изјави Стоилковски.
Освен 80 милиони денари кои Владата му ги обезбеди на Собранието, таа ќе потроши дополнители 400 илјади денари од сопствениот буџет а кампањата ќе биде водена од долгорочните стратешки цели за прием на Македонија во Европската унија и НАТО. Бошњаковски истакна дека за оваа цел владата ќе организира прес конференции, интервјуа и брифинзи за кои нема да бидат потрошени дополнителни пари а ќе организира и директни средби со граѓаните./1тв