Google Pixel 3 XL се продава на црно за 2.000 долари

од desk4
68 прегледи

Во последните денови видовме слики и видео на Google Pixel 3 XL месеци пред официјалната премиера, која се очекува во октомври, и се чини дека уредите доаѓаат од црниот пазар. Според 9to5Google, неодамна појавените смартфони се тест верзии и доаѓаат од украински трговец кој ги продава по 2.000 долари во апликацијата Telegram. Според сајтот најверојатно станува збор за некое количество кое било украдено, па оние кои ќе го купат телефонот најверојатно ризикуваат тој да биде блокиран од страна на Google и покрај уверувањата на трговецот дека тоа не може да се случи.

Изворот на 9to5Google наведува дека со случајот веќе се зафатиле екипите за безбедност на Google и Foxconn. Во меѓувреме продадените телефони веќе се појавуваат во материјали во руски медиуми, што открива повеќе детали за уредот. Повторно потсетуваме дека станува збор за прелиминарни верзии, чиј софтвер се уште не е завршен, а освен тоа не се со финален хардвер. Во комплетот кој е наменет за програмери, влегуваат и слушалки со USB-C, но не е јасно дали тие ќе бидат во финалниот комплет. Според Mobile-review тоа е така, а инаку слушалките ќе чинат 159 долари. Истиот извор тврди дека цената на Pixel 3 XL ќе биде 745 долари, а помалиот уред ќе биде по цена 649 долари.

Публикацијата открива дека уредот има 6.2-инчен OLED дисплеј со резолуција 2960х1440 пиксели, и потврдува дека вклучува 4GB RAM, 64GB внатрешна меморија, чипсет Snapdragon 845, батерија со капацитет 3430 mAh и функција за безжично полнење. Повторно се вклучени сензори за притисок во страничната рамка, кои служат за управување на различни функции, а двете камери се со резолуција 12МР и 8МР. Mobile-review покажува и повеќе слики од камерата на Pixel 3 XL, откако ги споредува со кадри од Samsung Galaxy Note9 и Huawei P20 Pro.