ВМРО-ДПМНЕ побара оставка од Царовска, СДСМ ја фали за постигнатото

од desk2
100 прегледи

„Мила Царовска мора да си замине од ресорот кој го претвори во министерство за негрижа и за партиски вработувања“, вели денеска Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

„Во ек на огромни скандали поврзани со целосен колапс на системот на заштита на децата, со актуелен случај на силувана штитеничка на установа, како продолжение на хоророт кој што секојдневно го доживуваат децата во институциите водени од Царовска, таа се фали со партиски вработувања“, смета портпаролот на опозициската партија.

„ВМРО-ДПМНЕ 11 години свесно го уништуваше системот на социјална заштита, 11 години не само што не инвестираше ниту еден денар во подобрување на условите за живот на најранливите лица, туку и најбезобразно ги злоупотребуваше за политички цели“, реагираат од СДСМ на пресот на Стоилковски.

„Денес, ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири што системот за социјална заштита се реформира, а Министерството за труд и социјална политика работи одговорно, домаќински и во интерес на граѓаните.

Официјалните податоци ги демантираат лагите на ВМРО-ДПМНЕ.

За нешто повеќе од една година, отворени се 11 нови градинки со капацитет од над 600 места, а до крајот на 2018 ќе бидат отворени уште 13, со што вкупниот број на отворени градинки за 18 месеци од мандатот на Владата предводена од СДСМ ќе изнесува 24.