Пилотот на Мекларен, Фернандо Алонсо успеа да го извади од такт својот поранешен тимски колега, Кевин Магнусен за време на саботните квалификации за Гран При на Италија. Кон крајот на Q2, си попречија еден на друг при обидот да направат една последна брза обиколка, бидејќи никој не сакаше да отстапи пред другиот во првата шикана на „Монца“.
37-годишниот Шпанец го искористи „воздушното струење“ од болидот на Хас и нападна прв во првиот свиок, макар и од надворешната страна. Магнусен сепак беше решен да продолжи со најбрзиот круг, бидејќи ова беше последна негова шанса. Затоа Данецот се обиде да го истурка противник надвор од патеката, а Алонсо се исмеа во радиокомуникацијата со боксот.
„Кевин очигледно одлучи да се натпреваруваме во првиот свиок“, изјави двократниот светски шампион.
На Данецот, кој не успеа да најде место меѓу 10-те најбрзи пилоти во квалификациите, сосема сепак не му беше до смеење.
„Немаше да му дадам да ме помине и така да ја жртвувам сопствената обиколка. Едноставно немаше начин. Знам дека тој мисли дека е Господ, но немаше начин“, изјави Магнусен.
„Очигледно тој сметаше дека може да ме претекне во првиот свиок. Јас сепак повеќе би се обесил, наместо да го дозволам тоа“, продолжи 25-годишниот натпреварувач.
„Тој дојде по квалификациите и ми се исмеа во лице. Неверојатно непочитување! Немам трпение тој да се откаже“, заврши бесен пилотот на Хас.
Алонсо најави намери да заврши со Формула 1 по крајот на оваа сезона, по што ќе се концентрира на авто трките во САД. Шпанецот се надева да постигне победа во легендарната трка „Индијанаполис 500“, за да ја комплетира т. н. „Тројна круна“ (победи во Гран При на Монако, 24-те часа Ле Ман и Инди 500).