Коблер: Македонија никогаш не била поблиску до ЕУ

од desk2
94 прегледи

За претстојниот референдум и прилината за посетите на Македонија на неколку видни европски премиери и дипломати, за патот кон ЕУ и НАТО, а посебно за „домашните задачи“ што стојат пред нас на тој пат, во кусо интервју за МИА говори австриската амбасадорка во нашата земја Ренате Коблер.


„Вашата земја одлично се движи во таа насока (кон ЕУ и НАТО)  и никогаш не сте биле поблиску до Европската Унија. Извештајот со препораките на Комисијата во април беше позитивен. Советот на министри во јуни, исто така, даде позитивен сигнал. Можам да кажам дека соработката со соседните земји е многу подобрена, особено со потпишувањето на договорот со Грција, а подобрена е соработката и со Бугарија“, вели Коблер.

Таа додава дека следен  чекор е референдумот, а мисли  дека македонските граѓани го заслужуваат наредниот чекор до Европската Унија.

„Во голема мера, Македонија сега ја има најголемата поддршка. Еве стигнува генералниот секретар на НАТО, в петок доаѓа канцеларот на Австрија, Себастијан Курц, в сабота германскиот канцелар Ангела Меркел. Тоа значи дека сета поддршка оди рака под рака со сите реформи што треба да се направат. Има многу полиња што треба да се опфатат со реформите: тука се, пред се, судството, образованието, и земјоделството, кои се опфатени со извештајот од Комисијата. Токму тие реформи ќе го подобрат стандардот на живеење во земјава и веќе, кога ќе бидете членка на Европската Унија, тоа ќе биде прифатлив стандард за сите. И без разлика кога ќе станете членка на Европската Унија, со ваквите реформи земјата ќе може да ги почувствува тие бенефиции и придобивки од самиот процес“, додава Коблер.