Од Мерцедес уште еднаш објавија дека очекуваат тежок викенд во Сингапур, но во исто време се подготвени да ја искористат секоја грешка на своите ривали.
„Марина Беј“ е сосема несоодветна за „сребрените стрели“, кои се очекува да заостанат зад Ферари и Ред Бул. Минатата година, ситуацијата беше слична, а по несреќата на Фетел, Раиконен и Верстапен на стартот, Луис Хамилтон победи, додека Валтери Ботас заврши трет. Затоа Тото Волф останува мирен.
„Ние постигнавме одлични резултати во Монца, благодарение на индивидуалните вештини и одличната тимска работа. Од друга страна, сепак, знаеме дека традиционално, трасата во Италија ни одговара. Во исто време, сепак, имавме многу проблеми во Сингапур во минатото“, објасни шефот на Мерцедес.
„Патеката е со кратки правци и бавни свиоци, а е и доста нерамна, па таа е една од најтешките за нас во сезоната. Во 2015 година не успеавме, но во минатата постигнавме фантастичен резултат. На хартија сме аутсајдери за победата, но битката е страшно неизвесна и непредвидлива, па ќе видиме што ќе се случи“, додаде тој.