Пратеникот на косовската опозициска партија Алтернатива, Илир Деда, изјави дека претседателот на Косово, Хашим Тачи воопшто не го познава меѓународното право и не го разбира значењето на зборовите „корекција на границата“ кога зборува за можниот договор со Србија.

Според Деда, Тачи не сфаќа дека, според меѓународното право, евентуална корекција на границите е можна единствено меѓу земји кои се членки на Обединетите нации и кои се признати една со друга.
– Меѓународното право ја познава корекцијата на границите во случаи кога има географска неконзистентност, но не етничка и може да се направи единствено меѓу земји кои се членки на ОН и кои една на друга и ја признаваат независноста. Приказните на Тачи немаат основа во меѓународното право, напиша Деда на Фејсбук.
Коментарот на опозицискиот пратеник уследи по објавата на Тачи на социјалните мрежи дека „случајот на Косово е посебен случај“ и дека „корекцијата на границите е дозволена со меѓународното право“.
– „Суи генерис“ или Косово како посебен случај, се однесува на прогласувањето независност и таа посебност ја имаат признато 110 држави во светот, а легитимирана е и од Меѓународниот суд на правдата. Тоа НЕ ЗНАЧИ експеримент, етничка корекција на границите и етничко чистење во мир, напиша Деда, кој коментрот го заврши со прашањето: „Да ли е претерано да се очекува од претседателот на државата да го знае значењето на зборовите што ги кажува?“.