Нова демократија ќе вложи секаков можен напор за да не стапи во сила национално штетниот Договор од Преспа, соопштуваат од грчката опозициска партија во однос на референдумот во Македонија.
Во соопштението, го повторуваат нивниот став дека уште од прв момент партијата потенцирала дека договорот е национално штетен за Грција и токму затоа во јуни поднесоа иницијатива за гласање недоверба на владата.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, од најголемата грчка опозициска партија, коментираат дека со тоа што СИРИЗА и Независни Грци различно го перципираа резултатот од референдумот, потврдува дека „се рамнодушни за националниот интерес и му даваат приоритет на нивното останување на власт за уште неколку месеци“
Преспанскиот договор мора да биде ратификуван од грчкиот парламент. Владејачката коалиција на премиерот Алексис Ципрас со националистите, исто така, нема обединета позиција. Министерот за одбрана, Панос Каменос, од независните Грци, се спротивставува на ратификацијата. Тој дури изрази задоволство од нискиот одѕив на Македонците.
Сепак , тие сé уште признаваат дека Атина и понатаму го поддржува договорот за промена на името со Македонија, иако на референдумот за договорот нема доволно одѕив на гласачите.