Македонија пред нови избори: желба или нужност?

од desk4
148 прегледи

    Додека Заев теоретски има две опции, а практично една (избори), Грција во моментов нема никаква друга обврска освен да го чека новиот исход во Македонија – договор со опозицијата, или нови избори, пишува Дојче веле.

Владата предводена од социјалдемократскиот премиер, Зоран Заев, по вчерашните резултати на референдумот – неисполнет цензус (36,87 %) и мнозинска волја од 91,48% „за“ Договорот со Грција, на масата сега има само две опции.

Првата е, да ја убеди опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзините пратеници во парламентот да покажат одговорност за интеграциската иднина на земјата и да му дадат поддршка на Договорот со Грција, односно на уставните промени предвидени со него, кои треба да ги усвои македонскиот парламент. За уставни промени е потребно двотретинско мнозинство, односно 80 пратенички гласови од вкупно 120. Владејачката коалиција во моментов има поддршка од 71 пратеник, што значи дека ѝ се потребни 9 гласа од пратениците на опозицијата.

Партиски став на ВМРО-ДПМНЕ е дека нема да поддржи промена на уставот со цел да се промени уставното име на државата. Извесно дека тој став ќе биде потврден и при обидот на СДСМ да разговара за парламентарна поддршка за уставните измени. Според тоа, тешко е да се очекува дека ќе се најдат „непослушни“ опозициски пратеници, дури ни меѓу оние кои и во изминатиот период покажуваа отворено несогласување со одлуките ВМРО-ДПМНЕ.

Пред сѐ, тоа е резултат на растечката култура на закани што владее во ВМРО- ДПМНЕ кон „сите што ќе се дрзнат ја предадат партијата и земјата“, како и на натамошната поделба на општеството на „патриоти и предавници“. Таа поделба во земјата ја инсталираше режимот на Груевски, а истата реторика ја продолжи и неговиот наследник Мицкоски. Со тоа, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ стануваат заложници на партискиот став и на испратената порака дека секој што ќе постапи спротивно на одлуката на партијата ќе се соочи со „казна од народот”.

 Во таква ситуација, на премиерот Заев му останува само една опција: да распише предвремени парламентарни избори, на кои, партиите што го поддржуваат Договорот со Грција би се обиделе да обезбедат двотретинско мнозинство и потоа без опструкции да ги усвојат уставните измени.

Но, за да се испочитува динамиката на обврските предвидени во Договорот со Грција, Заев мора и оваа одлука да ја донесе многу брзо. Ако до крајот на оваа недела не добие поддршка од ВМРО-ДПМНЕ за уставни измени, тогаш одлуката за нови избори парламентарното мнозинство мора да ја донесе најдоцна на 10-ти октомври, со цел изборите по скратена постапка да се одржат на 25-ти ноември. Само со таква динамика, новиот состав на парламентот би можел да ги донесе уставните измени до февруари или март 2019 година.

Актуелната Влада се надева дека капиталот на гласови „за“ добиени на референдумот (605.016 гласачи, или 91,48% од тие што гласале) е гаранција дека на изборите ќе победи опцијата за европска Македонија, а не опцијата на ВМРО-ДПМНЕ за изолација и статус-кво на земјата. Важен факт е дека референдумското „за“ достигна повеќе гласови од кои било победници на сите парламентарни избори досега во историјата на независна Македонија.

Предвремени избори во моментов не ѝ одговараат единствено на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Таа во последните изборни циклуси целосно го изгуби коалицискиот потенцијал, бидејќи користеше националистичка реторика, особено насочена против албанската етничка заедница. А без избраните политички претставници на етничките Албанци ниту една македонска партија не може да формира стабилна коалициска влада. Во случај на нови избори, се прогнозира дека ВМРО-ДПМНЕ не би остварила значаен резултат, и поради внатрешна разединетост, но и поради политиката на општестевени поделби што стана нејзин заштитен знак. Поради националистичката реторика, уште посигурно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема да најде коалициски партнер во албанскиот блок, (исто како по изборите во 2016 година), поради што аналитичарите, па и нејзини поранешни функционери, ѝ предвидуваат натамошно маргинализирање.

Дали ваквата опасност може да ја „омекне“ ВМРО-ДПМНЕ и таа сепак да поддржи уставни измени?

Не – тврдат извори од партијата. „ВМРО-ДПМНЕ ќе оди по истата линија до крај. Всушност, таа на ваков начин, на Заев не му остава друг избор – освен вонредни избори. Само чудо би можело да ја смени состојбата. А чуда не се случуваат“, велат од опозицијата.

Додека Заев теоретски има две опции, а практично една (избори), Грција во моментов нема никаква друга обврска освен да го чека новиот исход во Македонија – договор со опозицијата, или нови избори. Грција ќе го ратификува Договорот само откако Македонија ќе ги спроведе уставните измени. Ако тоа не се случи, Договорот станува неважечки, а со тоа отпаѓаат и зачленувањето на Македонија во НАТО, како и најавениот почеток на преговори со ЕУ.

Слични содржини