Меѓународна премиера на Honor 8X (ВИДЕО)

од Vlatko K
58 прегледи

Honor 8X и Honor 8X Max добија својата премиера во Кина во почетокот на септември и речиси еден месец подоцна серијата е подготвена за своето меѓународно деби.

Двата модели се први во серијата Honor со новиот чипсет од средната класа HiSilicon Kirin 710, кој би требало да обезбеди соодветна конкуренција на Snapdragon 636, па очекуваме соодветни перформанси. Засега надвор од Кина ќе се нуди само Honor 8X, а продажбата на меѓународните пазари ќе започнат наскоро. Во САД цената ќе биде околу 200 долари, што значи дека и во Европа нема да е особено висока.

Honor 8X е со димензии 160.4 x 76.6 x 7.8 mm и тежина 175 грама и нуди 6.15-инчен дисплеј со резолуција 2340 x 1080 пиксели и сооднос 19.5:9, кој зазема 91% од предниот панел (долната рамка е широка едвај 4,25 мм). Чипсетот HiSilicon Kirin 710 е комбиниран со графички акцелератор Mali-G51 MP4 (плус технологијата GPU Turbo), а во однос на меморијата откриваме 4GB / 6GB RAM и 64GB / 128GB меморија за апликации. Батеријата е со капацитет 3750 mAh. Главната камера е со 20MP (f /1.8) и 2MP сензори и поддржува снимање на видеа во 480fps, а за селфи е додадена 16MP (f / 2.0) камера со функција за комбинирање на 4 пиксели во еден.

Повторно откриваме вештачка интелигенција, која помага за откривање на сцени и објекти во реално време и примена на соодветни поставувања. Вклучен е и ноќен режим, кој користи мултикадровска стабилизација, базирана на технологија за машинско учење.

Камерата за селфи исто користи различни функции за подобрување на кадрите, вклучувајќи и ВИ и обезбедува ефекти за симулирање на различно студиско осветлување. Оперативниот систем е Android 8.1 Oreo со интерфејс EMUI 8.2. Уредот има стаклен заден панел со специјална покривка за создавање на два визуелни ефекти, па би требало да изгледа доволно атрактивно.