Полицијата не им дозволи на Дамовски и Јовановски да внесат бурек и списанија во судницата

од desk2
78 прегледи

Пред почетокот на денешното судско рочиште за настаните од 27 април се случуваше вистинска драма на пријавницата пред влезот во новата зграда на кривичниот суд. Судската полиција, при контрола на обвинетите Владо Јовановски и Борис Дамовски, од нивните чанти извади списанија, бурек и сок и не им дозволи да ги внесат во судницата.

Обвинетиот Борис Дамовски на тоа се спротивстави и рече дека списанијата не се електронски уред за да не може да ги внесе во судницата и оти тоа не е забрането.

На тоа следеше кратка расправија меѓу тројца припадници на судската полиција и обвинетиот Дамовски, во која Дамовски инсистираше да ги внесе списанијата.

Едниот од полицајците му рече да не се расправа и дека не може да му дозволи да влезе во судската сала со списанијата и дека во судницата е дозволено само внесување вода.

Полицијата претходно го извади бурекот од чантата на актерот Владо Јовановски, со истото образложение дека не смее да го внесува во судската сала. На тоа Јовановски се насмевна и рече дека можеби во бурекот има опасни материи. Расправијата создаде мал метеж пред судската пријавница, по што обвинетите се упатија без списанијата и храната во судницата.

На денешното рочиште, според динамиката на судење, треба да бидат сослушани четворица сведоци предложени од обвинителството./Makfaks