Во матичната собраниска Комисијата за финансирање и буџет почна расправата по предложениот ребаланс на буџетот за 2018 година со кој се врши минимална корекција на нговата приходна и расходна страна и се обезбедува дополнителна поддршка на општините,Фондот на ПИОМ, Фондот за здравствено осигурување…Дефицитот останува непроменет, а стапката на раст е ревидирана на 2,8 отсто.

Министерот за финансии Драган Тевдовски образложувајќи го предложениот ребаланс рече дека измените се подготвени следејќи ја политичката ситуација во земјава согласно движењата на македонската економија, како и реализацијата на приходите и расходите.
.- Со Ребалансот на Буџетот на Република Македонија за 2018 година се врши минимална корекција на приходната страна на буџетот и приспособување на одделните делови од буџетската потрошувачка до крајот на годината. Притоа поставените цели на фискалната политика за 2018 година и понатаму остануваат непроменети, односно во целост се дизајнирани во функција на постигнување на клучните цели и приоритети на општеството: повисоки стапки на раст на економијата, зголемување на вработеноста, подигнување на животниот стандард на населението, постигнување на повисоко ниво на социјална правда и интензивирање на интеграциските процеси за ЕУ и НАТО, рече Тевдовски.
Според него, важно е да се истакне дека Владата со овој ребаланс обезбеди околу 50 милиони евра за финансиска поддршка на општините за да сервисираат значителен дел од нивните неизмирени обврски како и на дел од неизмирените обврски на единките корисници основани од нив.
Појасни дека истовремено со финансиската поддршка на единиците на локалната самоуправа, Владата предлага измени на Законот за финансирање на ЕЛС со цел воспоставување фискално правило за планирање на сопствените приходи на основниот буџет на ЕЛС
-Нереалното планирање на буџетите не ЕЛС, односно преоптимистичкото планирање на приходите е една од причините поради кои ЕЛС креираа неизмирени обврски во претходните години, истакна Тевдовски.
Со ребалансот Владата ја ревидира стапката на раст од 3,2 на 2,8 проценти.
– И покрај значително забрзаниот економски раст во вториот квартал, истиот не беше доволен за да се надомести слабата активност во првиот квартал, со што економскиот раст во првото полугодие е под очекувањата. Оттука, проекцијата за реалниот раст на БДП во 2018 година е ревидирана на 2,8 отсто (од 3,2 отсто претходно). Притоа, во наредниот период се очекува задржување на позитивните сигнали кај приватните инвестиции, како што се силниот прилив на СДИ во земјата, како и задржување на високиот раст на извозот и значаен придонес на потрошувачката врз растот, рече министерот за финансии.
Согласно Деловникот расправата по Ребалансот во Комисијата трае 10 работни денови.