Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во Гостивар, коментирајќи ги последните случувања во државата, оцени дека Владата не ја води државата во добра насока, а за бегството на поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски повтори дека тој е жртва на политички прогон и оти самиот потег на бегство не го оправдува.

Според Мицкоски, македонската јавност е сведок на театар кој кога не би бил трагичен, би бил смешен, а главната улога ја има претседателот на Владата.
– Сакам да апелирам до претседателот на Владата да се вразуми и сериозно да ја сфати состојбата бидејќи илјадници животи зависат од неговите потези и затоа што не само што не ја води државата во добра насока, туку таа е погрешна и ќе бидат потребни многу генерации за да ја исправат, изјави Мицкоски во изјавата дадена пред почетокот на трибината организирана од Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.
Во однос на бегството на Груевски, Мицкоски посочи на својот последен фејсбук статус во кој вели дека Груевски и други поранешни и сегашни функционери на ВМРО-ДПМНЕ се жртви на политички прогон, но оти не може да го оправда таквиот начин на бегство. Мицкоски најави дека наскоро до Владата и парламентарното мнозинство ќе достават повеќе предлог решенија за подобрување на состојбите и за забрзување на реформските процеси.
Тоа што Христијан Мицкоски се обидува да го претстави носителот на криминалот и режимот, Никола Груевски за жртва, уште еднаш потврдува дека антизападниот Христијан Мицкоски е единствениот што го брани криминалот на Никола Груевски, порачаа од СДСМ.
„Затоа Мицкоски не одговори за средбата со неговиот ментор, Никола Груевски, затоа не одговори ниту за неговите посети на Белград и Будимпешта во октомври 2018 година.
Јавноста ќе ја дознае целата вистината. Како што излегоа на виделина шемите на Мицкоски со Никола Груевски за неговите хидроцентрали токму во време кога му бил советник.
На антизападниот пион Мицкоски и на антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ треба да им биде кристално јасно: криминалот на Никола Груевски не може да го одбранат, правда ќе има“ се наведува во соопштението на партијата.