Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарите за трговија и за проширување, Сесилија Малмстром и Јоханес Хан му упатија ново писмо на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, во кој наведуваат дека со едностраните акции го загрозил напредокот, кој досега е постигнат со дијалогот Белград-Приштина.

Европските функционери, исто така, ја поздравија Резолуцијата за дијалогот, која ја усвои косовското Собрание по иницијатива на Харадинај и укажуваат дека дијалогот ќе продолжи во ист формат, кој подразбира дека ЕУ, за претставник на Приштина и учесник во
дијалогот, и натаму го смета само претседателот на Косово, Хашим Тачи.
Портпаролката на Могерини, Маја Коцијанчиќ потврди дека писмото е упатено до Харадинај, но не сакаше да зборува за неговата содржина.
Содржината ја обелодени „Газета експрес онлајн“, истакнувајќи дека европската „тројка“ во писмото прво ја отфрла оценката на Харадинај, која ја изнесе во писмо до Брисел, дека во досегашниот дијалог меѓу Белград и Приштина, малку што е направено.
Порачуваќи дека на косовската Влада треба да и биде јасно оти дијалогот Белград и Приштина треба да биде продолжен во формат во кој тој процес и започна.
– Силно ја отфрламе вашата оценка дека дијалогот стагнира. Наместо тоа, дијалогот на чело со двајцата претседатели забележува и остварува постојан напредок. Таа проценка ја поделивме со лидерите на ЕУ на Европскиот совет во декември и добивме охрабрувачки пораки на поддршка, се наведува во писмото упатено до Харадинај.
Претстваниците на ЕУ сметаат дека Резолуцијата усвоена во косовското Собрание е важна и дека треба да придонесе за продолжување на процесот на конструктивен начин, во рамки на дијалогот на високо ниво.
– Ние ја поздравуваме и ја сметаме за воведен став на Косово, кој косовскиот претседател ќе го изрази во продолжението на дијалогот, се вели во писмото и се истакнува дека за ЕУ дијалогот е единствена реална рамка за решавање на нормализацијата на односите меѓу Приштина и Белград.
Владата на Косово му порача на официјален Брисел дека го поддржува косовскиот претседател Хашим Тачи во дијалогот за нормализација на односите со Србија, „во рамките на неговите уставни надлежности“.
Портпаролката на Владата, Донјета Гаши, по најновото писмо од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и еврокомесарите за трговија и за соседска политика и проширување, Сесилија Мелстром и Јоханес Хан, изјави дека „Владата со сиот свој капацитет се залага за конструктивен дијалог“.
– Владата на Косово редовно комуницира со Европската унија. Ние сме посветени на дијалогот. Врз основа на надлежностите што ги има, Владата со сиот свој капацитет се залага за конструктивен дијалог и во исто време го почитува и поддржува претседателот во тој процес, во рамките на неговите уставни надлежности, изјави Гаши за „Коха Диторе“.
Медиумите во Приштина денеска го објавија писмото до косовскиот премиер Рамуш Харадинај, во кое Могерини, Малстром и Хан ги негираат неговите наводи, искажани вчера во Брисел, дека во досегашниот дијалог меѓу Приштина и Белград е направено многу малку.
Високите претставници на ЕУ исто така „го потсетуваат“ Харадинај дека преговорите со Србија од косовска страна ги предводи претседателот Тачи.
Косовското Собрание во неделата усвои Резолуција, со која се формира тим за преговори со Белград, а негови копретседатели се лидерот на Социјалдемократската партија на Косово (ПСД) и градоначалник на Приштина, Шпенд Ахмети и вицепремиерот и лидер на Социјалдемократската иницијатива (Нисма), Фатмир Лимај.