Агенцијата за обезбедување „Секјурити груп сервисес“ (СГС), која се поврзува со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, доби нов тендер од 113 илјади евра. За овие пари агенцијата треба да го обезбедува Археолошкиот музеј на Македонија за период од една година. СГС била единствената фирма што се пријавила на тендерот, каде што услов за да се добие била најниската понудена цена, објави Макфакс.

Минатиот месец СГС доби уште тендер – за обезбедување на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија – од речиси 24 илјади евра. СГС ги обезбедува и Агенцијата за електронски комуникации, основните училишта и детските градинки во општина Аеродром, Општата болница во Велес.
Најголемиот договор е склучен со Агенцијата за електронски комуникации, кој изнесува 287 илјади евра.
Агенцијата за обезбедување СГС се појави на пазарот во 2010 година и набргу почна да ги потиснува другите агенции и да ги добива најголемите државни тендери за обезбедување клучни објекти, од кои голем број од проектот „Скопје 2014“. Иако зад агенцијата формално не стоеше ниту едно звучно име, во медиумите таа се поврзуваше со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, кој сега е во домашен притвор за случајот „Империја“.
Од прислушуваните аудиоснимки на тогашната опозициска партија СДСМ стана јасно дека Мијалков се крие зад СГС и дека договара нови вработувања, одлучува кој ќе биде ангажиран во агенцијата и договара државни тендери./Makfaks