Федерер ја освои титулата бр.100 во кариерата

од Vlatko K
161 прегледи

Освојувачот на рекордни 20 Гренд-слем титули, Роџер Федерер го освои својот 100-ти трофеј во
кариерата. 37-годишниот Швајцарец (број 2 во шемата) го победи со 6:4, 6:4 во финалето во Дубаи
грчкиот тенисер Стефанос Циципас (бр.5 во шемата). 20-годишниот Циципас го победи Федерер
претходно оваа година во 1/8-финалето на Австралија опен, а неодамна го освои и турнирот во
Марсеј.

За Федерер, ова е осма титула во Дубаи. Со неа стана само вториот тенисер во историјата со 100
или повеќе титули во неговата кариера. Повеќе трофеи од сингл од него има само американската
легенда Џими Конорс (109).

Маестро својата прва титула ја освои во Милано во 2001 година. Швајцарецот има 20 Гренд-слем
титули, 27 „Мастерс 1000“ трофеи, 22 титули од „АТП 500“, 25 од „АТП 250“ и 6 АТП финалиња. 69 од
сите титули се на тврда подлога, 18 се на трева, 11 на земја и 2 на паркет.

Со денешниот триумф, Федерер ќе се искачи на три места на светската ранг листа и ќе биде број 4
од понеделник. Стигнувајќи до финалето, грчкиот тенисер си обезбеди свој прв влез во Топ 10 на
АТП листата.