Антиамериканската и социјалистичка Венецуела се повеќе се потпира на доларот

од Vladimir Zorba
168 прегледи

Венецуела е управувана од антиамериканска социјалистичка влада. Но, земјата сè повеќе се потпира на симболот на американскиот капитализам: доларот, вели „The Wall Street Journal“.

Овој тренд создава растечка нееднаквост меѓу Венецуелците кои имаат пристап до американската валута и оние кои ја имаат само бескорисната национална валута – Боливар. Поделбата стана уште позабележителна во последниве недели кога електричната енергија на земјата беше исклучена.

Бидејќи терминалите за плаќање со дебитни картички не работеа, а малку луѓе гоносат потребното огромно физичко количество кеш, за да плаќаат поголеми суми, доларот стана главен метод за плаќање.

„Супермаркетите, што останаа отворени, прифаќаа само кеш или долари“, вели Луис Мендоза, градежен работник кој добива дел од неговата плата во долари.

Валутата влегува во земјата од странство, се повеќе и повеќе мигранти испраќаат пари на нивните роднини кои останаа во Венецуела.

Џексон де Авиља, чувар кој добива плата во боливари, не е меѓу нив.

„Разликата меѓу оние што добиваат пари од странство и оние кои не добиваат се зголемува секоја минута и цените продолжуваат да растат“, вели тој. „Не можам ни да си дозволам да купам храна за моите деца, а добивам 12-часовен работен ден за да можам да купам 1,5 кг сирење“,додава Авиља.

Економистите велат дека околу една четвртина од Венецуелците, или околу осум милиони луѓе, користат долари за секојдневни плаќања – од купување на сладолед до поправки на возилото. Доларизацијата се зголемува од август.

Најлошата економска криза во Латинска Америка избриша половина од бруто-домашниот производ на Венецуела и предизвика 3,4 милиони луѓе да ја напуштат земјата во последните 3 години. Се очекува емигрантите да испратат околу 4 милијарди долари на роднините дома оваа година – од 1,9 милијарди во 2018 година Други 1,5 милијарди ќе дојдат од Венецуелците кои повлекуваат пари од странски сметки. Така вкупната сума ќе ги надмине очекуваните приходи од нафта, кои ќе достигнат 4,7 милијарди долари.

Според економистот Асбрудал Оливерос, директор на Ecoanalitica, доларизацијата создава „две реалности“. Луѓето кои добиваат долари од странство или на друг начин ја добиваат валутата полесно, ќе се справат со кризата, смета тој. Останатите 30 милиони луѓе или три четвртини од населението сметаат дека нивната куповна моќ исчезнува со годишната инфлација од 2 милиони проценти.

Околу две третини од оние што добиваат пари од странство се жени чии сопрузи работат во Чиле, Колумбија, Еквадор, Перу и Шпанија. Доларизацијата беше зајакната со одлуката на владата во август за зголемување на минималната плата за 5.900 проценти, поради што многу сопственици на мали претпријатија ги поврзаа цените со доларот.