Најголемата социјална мрежа во светот, Facebook работи на создавање на „страница со вести“ на платформата ,со цел да го поддржи финансиски „висококвалитетното и достојно за доверба“ новинарство. Ова го изјави основачот на социјалната мрежа Марк Зукерберг, цитиран од „Bloomberg“ и „Handelsblatt“.

„Сакаме тоа да овозможи на преден план да се поставуваат висококвалитетни и достојни за доверба информации“, рече Зукерберг за време на дискусијата со Матијас Допфнер, претседателот на германскиот медиумски гигант „Axel Springer“. Видеото од дискусијата беше поставено на страницата на Зукерберг на Facebook.
Според него 10 до 15 проценти од корисниците на Facebook (сега тие се 2,3 милијарди луѓе) ќе бидат заинтересирани од новиот простор, посветен на вестите.
Без да навлегуваме во детали за формата на оваа нова услуга, Зукерберг прецизира дека таа има потреба од одредена селекција меѓу објавените информации и додаде дека се надева дека ќе ја изгради заедно со големите медиумски групи.
Тој не исклучува плаќањата за лиценци за медиумските компании што учествуваат во неа. Во исто време Зукерберг истакна дека планот се уште е во повој и дека Facebook сака да го развие заедно со индустријата.
Ставот на социјалната мрежа за медиумските содржини е променет во последниве години. Првично, онлајн мрежата стана се поважна платформа за медиумските компании да стигнат до потрошувачите.
Но потоа Facebook беше злоупотребен, меѓу другото, во текот на претседателската кампања на САД во 2016 година преку масовното ширење на лажни вести – и мрежата мораше да признае дека не била подготвена за тоа.
Зукерберг увери дека новата понуда ќе овозможи да учествува финансиски во тешката транзиција на медиумските групи кон дигиталната технологија.
„Постои вистинска можност да се понуди на уредниците подобра комерцијализација на нивната содржина преку посебна информативна услуга, отколку преку протокот на вести на Facebook“, рече Зукерберг и додаде дека Facebook може да има директни врски со издавачите, за да се увери, дека нивната содржина е достапна.
Запрашан за можноста социјалната мрежа да плаќа лиценца за експлоатација, што ќе овозможи да гофинансира користењето на статии од печатот, Зукерберг одговори дека „тоа е сигурно нешто што треба да е предмет на размислување“.
Тој, исто така, рече дека не сака да го претвори Facebook во „издавач“ и се изјасни за партнерски статус со печатот.
„Нема да имаме новинари, кои ќе се занимаваат со вестите“, рече тој.
Допфнер истакна дека функционалниот бизнис модел и директен пристап до потрошувачите се особено важни за медиумските компании. Атрактивните услови за издавачите исто така ќе помогнат да се обезбеди висококвалитетна содржина на платформата“, сподели главниот извршен директор на медиумската група.
Во врска со реформата на авторските права на ЕУ, тој рече дека Facebook ќе мора да стекне како платформа лиценца за медиумски содржини. Основачот на мрежата, од друга страна, рече дека ќе размисли за тоа.