Раководството на Лос Анџелес Лејкерс го прекина договорот на тренерот Лук Волтон, објави клубот
од НБА. 39-годишниот стратег и „езерџиите“ се разделија по заеднички договор.

„Сакам да се заблагодарам за можноста да ги тренирам Лејкерси. Овој тим и овој град секогаш ќе
бидат специјални за мене и моето семејство“, изјави Волтон, кој беше на чело на тимот во
последните три години.
Според медиумите зад океанот, главниот кандидат за функцијата тренер на Л.А.Лејкерс е
поранешниот ментор на Кливленд Тајрон Лу, а другото име е Монти Вилијамс.
Што се однесува до Волтон, тој се смета за приоритетна цел на генералниот менаџер на
Сакраменто Кингс, Владе Дивац, кој неодамна го отпушти тренерот на „кралевите“, Дејв Јергер.
И покрај привлекувањето на суперѕвездата Леброн Џејмс минатото лето, Лејкерс завршија десетти
во Западната конференција за време на регуларната сезона во НБА, што не му дозволи на тимот да
се квалификува за плејофот.
Пред два дена, легендата Меџик Џонсон објави дека се повлекува од позицијата претседател на
кошаркарските операции во Лос Анџелес Лејкерс, по нешто повеќе од две години работа во клубот
од Калифорнија.