Британскиот премиер Тереза Меј даде зелено светло на кинеската телекомуникациска компанија Huawei да помогне во изградбата на 5G мрежа, отфрлајќи ги предупредувањата за безбедноста од страна на високи министри во владата и Вашингтон, пишува „Дејли телеграф“.

Советот за национална безбедност на земјата, кој е предводен од Меј, се согласи да му дозволи на кинескиот технолошки гигант ограничен пристап за изградба на „несуштинската“ инфраструктура, како антени.
Одлуката беше донесена и покрај стравувањата, покренати во врска со пристапот од страна на министерот за внатрешни работи Саџид Џавид, министерот за надворешни работи Џереми Хант, министерот за одбрана Гевин Вилијамсон, министерот за меѓународната трговија Лиам Фокс и министерот за меѓународен развој – Пени Мордаунт.
Од „Даунинг стрит“ 10 одбиле да ги коментираат информациите на весникот.
САД ја забранија 5G технологијата на Huawei на своја територија и ги повикаа своите сојузници Велика Британија, Австралија, Канада и Нов Зеланд да го следат примерот.
Huawei е водечки производител на опрема за мобилни мрежи од следната петта генерација, кои ќе обезбедат речиси моментален пренос на податоци, и кои ќе се претворат во невронскиот систем на европската економија во стратешките сектори како енергетика, транспорт, банкарство и здравство.
Кинескиот технолошкиот гигант сепак се соочува со пречки на некои западни пазари поради загриженоста дека Пекинг може да ги шпионира комуникациите и да добие пристап до критична инфраструктура.
Минатиот месец Британија идентификува „значителни технолошки проблеми“ во областа на инженерските процеси на Huawei, кои претставуваат „нови ризици“ за телекомуникациите на земјата според владин извештај.